Грчка компанија на своите вработени им понуди бесплатно замрзнување јајце-клетки како подарок за Божик, по примерот на светските компании како Епл, Гугл и Фејсбук, кои веќе ја усвоија оваа практика, пренесува АНА.-МПА.
Грчката приватна здравствена компанија Genesis, со клиники во Атина, Тесалија и Крит, го избра овој подарок како симболичен гест за да даде пример за другите компании и да започне кампања за подигање на свеста за прашањето на неплодност кај паровите, наведува агенцијата.
Одборот на директори на Генесис ја одобри можноста сите работници во клиниката да можат да ги замрзнуваат јајца-клетките бесплатно, „дозволувајќи им да го одложат раѓањето на дете додека не се чувствуваат подготвени или додека животните околности не дозволат, се разбира во разумен временски период“.
Неплодноста е чест проблем кој го погодува речиси секој шести пар, забележува АНА-МПА. Исклучувајќи ги патологиите кои ги засегаат двата пола, научните докази покажуваат дека репродуктивниот потенцијал на жените – во споредба со оној на мажите – е под влијание во поголема мера и во порана фаза од фактори поврзани со физиолошкиот развој, како што е возраста.
Плодноста е висока кај жените помлади од 30 години и значително се намалува по 35-тата година.
„Ова е иницијатива која многу ми се допаѓа како министер за труд. Тоа е убав подарок за вработените жени“, рече министерот за развој и инвестиции Адонис Георгиадис, кој присуствуваше на настанот посветен на Божиќната иницијатива.
Тој посочи дека „од времето кога работев во Министерството за здравство, ја имав таа среќа добро да разберам колку Грција е пионер во областа на вештачкото оплодување“, и додаде дека „во време на ваков сериозен демографски проблем [оваа медицинска процедура ] е исто така национална потреба“.
МИА