„Арачиновци плаќаат данок, а во Општината има и кој да го наплати! ‘Арачиновци не плаќаат данок’ – тоа е веќе минато. Со доаѓањето на новиот градоначалник Ридван Ибраими на чело на Општината работите почнуваат да се менуваат драстично, од ден на ден Арачиново бележи само успеси во сите сфери, а успесите ги потврдуваат и релевантни меѓународни организации“, велат од Општина Арачиново, која денеска во „Холидеј Ин“, во организација на УСАИД, одржа презентација на соработката со повеќе партнер општини, додека градоначалникот ги презентираше податоците за 2023 година во делот на собрани даноци.
Како што истакнуваат, Општина Арачиново, од вкупно 2675 регистрирани домаќинства, успеала да инкасира над 6 милиони денари по основ на локални даноци, што во споредба со 2022 е раст од 422 отсто.
Преставникот на УСАИД, Бардил Марку, во однос на соработката и резултатите за општина Арачиново, цело време зборуваше во суперлатив и ја нарече Арачиново „успешна приказна”. УСАИД исто така ја пофали општината и во делот на фискалната транспарентност, како општина со најголем раст во 2023 година.
Според најновите истражувања Општина Арачиново од 16 максимални индексни поени освоила 12, што е најголем раст, а исто така Арачиново бележи значително голем раст и во активната транспарентност.
На крајот од денешната презентација, градоначалникот Ибраими заклучи дека Арачиново веќе не е „црна овца“, туку добива пофалби и веќе се мери со многу поголеми и финансиски посилни општини од неа, а домаќинско работење, како што велат од Општината, денес ги бележи првите позитивни резултати, благодарение на помошта и соработката со многубројни меѓународни организации, посебно со УСАИД која во секој момент покажува спремност да им помогне.
Градоначалникот Ибраими исто така им честиташе, но истовремено им се заблагодари на општинската администрација и посебно на граѓаните на Арачиново за постигнатите резултати.