По три години од почетокот на продажбата, компанијата „Сони“ ја надмина бројката од 50 милиони продадени примероци од конзолата за видеоигри „Плејстејшн 5“.
Ова, според познавачи, е импресивен број и рекорд, особено ако се земат предвид проблемите со синџирот на снабдување, коишто ја ограничија испораката по ноември 2020 година. На „ПС-5“ конзолата ѝ требаше само една недела подолго да ја премине „магичната линија“ на „Четворката“ т.е. претходникот што сепак ги немаше тие пречки, предизвикани главно од корона-пандемијата.
„Сони ПС-5“ ги надмина и соперничките конзоли – „Икс-бокс“ сериите „Икс“ и „С“ на „Мајкрософт“, за речиси 3:1 оваа година. Сепак, можно е „Мајкрософт“ да има поинаква цел – поголема сосредоточеност на претплати на „Икс-бокс гејм пас“, коишто им овозможуваат на играчите да стримуваат наслови преку „облакот“ и да играат видеоигри на компјутер.