„Се разботи за еден исклучително суштествен период кој го карактеризра и влијае на неговите чекори понатаму, создавањето на неговата уметничка и креативна определба како уметник“, изјави за Трн, Корнелија Конеска, кустос на изложбата.
Тоа е основата и за време на целиот свој живот Борко Лазески зборувал дека неговиот учител е Андре Лот.
Борко Лазески во текот на целиот свој живот создавал монументални дела и бил во тек со модерните, најсовремените уметнички текови во своето време.
На прашањето која е позадината за тоа што Борко Лазески сликал многу историски теми, теми од НОБ, Окупаторот…, Корнелија одговори:
„Веднаш по војната, заминува за Париз. Меѓутоа во текот на војната не бил во можност да го изгради својот уметнички стил и се разбира бил се уште млад уметник, а Париз бил центар на светот во тој период и тој се интересирал за монументални дела од две причини, прво фрескосликарствто и втората причина е тоа што тој се залагал за уметност достапна за сите, а како таква уметност ја сметал онаа создадена на јвни простори и затоа многу се интересирал за ѕидната уметност и фреското сликарство го специјализирал на Академијата за ликовни уметности во Париз. Меѓутоа паралелно со академијата ја посетувал и школата на Андре Лот која што била еден вид на меѓународна академија и престојувале и професионално се граделе многу уметници од целиот свет, вклучително Тамара Делибицка, Ханс Хартунг, Дора Мар и други уметници а Борко Лазески е единствениот македонски уметник кој што престојувал таму и тоа скоро три години“.
Голем дел од делата на Лазески се или сосема руинирани или се сосема исчезнати. Корнелија ни одговара што се случува со дел од делата кои биле спасени, дали се реставрирани и конзервирани.
„Не, се уште не со оглед на тоа што е неизвесно што ќе се случува со Шалтер салата на Македонска пошта, сега засега нема конкретна информација дека ќе се реставрираат.
Во Музејот на град Скопје има скици или картони кои Музејот вети дека ќе ги реставрира, но се уште нема ништо како информација.
Најмонументалната фреска три на 25 метри должина е направена во Старата железничка станица и истата опфаќала 225 метри квадратни на фреско сликарство. Разрушена е за жал во текот на земјотресот, но скиците постојат“, вели таа.
Инспирацијата на уметниците е многу интересна работа. Музата треба да дојде, ама треба да те најде каде што работиш, рекол големиот Пикасо.
Она што е најважно за Борко Лазески е дека тој е припадник на пост кубистичкиот период и точно оваа изложба го претставува тоа негово барање, тоа негово истражување и на крај определување за тој правец. Во тоа негово барање на сопствениот идентит како уметник најмногу му помогнал Андре Лот, токму затоа што и самиот ги следел правците на посткубистичкиот период и едноставно тоа Борко го научил од него.
Во школото имало многу студенти и сите сликале еден модел, сликање со површини, мешање на бои и гледањето на фигурите и предметите во природата на комплетно геометризирање, тоа е суштината на кубизмот, како и сликање со површини, линијата е комплетно минимизирана, има одреден ритам целата композиција.
Во рамки на изложбата, има и едно дело на Андре Лот, кое е дел од колекцијата на Остен, а идејата беше во еден простор да се прикажат дела и од ученикот и од учителот, за да се видат влијанијата.
На изложбата беше и Славица Абаџиева, историчар на уметност и голем проучувач на ликот и делото на Борко Лазески. Таа околу најмонументалните дела од Лазески изјави:
„Јас колку што знам се забаталени, наједноставно кажано. Еве се му пропаѓа нему. Му пропадна делото во Стара Железничка станица, потоа во Пошта, иако велат дека нешто работат божем на тоа дело, ама не верувам дека нешто ќе направат, а големите картони од делото во стара железничка станица исто така, никој не ги конзервирал, никој не ги реставрирал! За жал тоа се големи загуби!