Предновогодишен концерт на воените оркестри од aрмиите на Северна Македонија, Албанија, Словенија и Хрватска ќе се одржи вечерва во Домот на Армијата во Скопје, соопшти Министерството за одбрана.
Мотото на концертот е „Армиски aкорди, новогодишна прослава на пријателството преку звуците на четири армии на НАТО“. Ќе се изведе репортоар од различни нумери од познати светски автори, како Боб Мерил и Наохиро Иваи, како и повеќе нумери од познати композитори од земјите на оркестрите.
На концертот, како што информира Министерството за одбрана, се очекува да присуствуваат министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министри во Владата, пратеници во Собранието. Ќе присуствуваат началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Албанија генерал-мајор Арбен Кинѓи, кој е во официјална посета на земјава, дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, претставници на верските заедници, поранешни министри за одбрана и поранешни началници на Генералштабот на Армијата, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генераштабот и командите на Армијата и други гости.
Воениот оркестар на Армијата на Северна Македонија во духот на соработката со оркестрите од сојузничките армии во регионот веќе неколку години одржуваат заеднички концерти. мд/бак/
Фото: Министерство за одбрана Извор: mia.mk