Трн: Која беше вашата основна идеја за овој изведбен проект што го изведувате заедно?
Власта: Јас пред 10 години почнав да работам проекти кои ја разработуваат староста и стареењето и работев со мојата мајка на почетокот, која веќе не е меѓу живите.
Мојот најголеми перформанс беше Право на оргазам над 60 години, кога ги поминав моите 60 години сфатив дека околината на старите луѓе гледа како на луѓе кои немаат право на сексуален живот, а сексуалниот живот трае додека сме живи, значи нема крај! Многу луѓе не се подготвуваат за старост и стареењето, а јас сметам дека треба да се подготвуваме за да можеме полесно да живееме на старост, од начин на живот, исхрана, размислување.
Трн: Како може човек да се подготви за старост?
Власта: Многу луѓе откога ќе отидат во пензија, стануваат несреќни и не знаат што да прават со себе, бидејќи не ја работат работата која дотогаш ја работеле, стануваат депресивини…и затоа јас никогаш не престанав да ја работам мојата работа. Ние уметниците ја имаме таа привилегија и среќа да уметноста биде постојано присутна, постојано размислуваме за нови работи, за нови проекти, потоа физичката активност е многу важна, јас секој ден работам гимнастика, вежбам, многу пешачам, потоа промена на исхраната, редовен сон, се се сведува на дисциплиниран лесен живот без алкохол. Секој може сам да си избере патека по која ќе живее, не само на старост туку цел живот.
Власта: Мене не ми е никогаш досадно, мене ми фали само време! Брзо поминува времето. Весна: Не поминува брзо времето, туку годините!
Трн: Зошто почувствувавте потреба од нагласување на достоинството на стареењето? Дали можеби се соочивте со стигматизацијата на социјално ниво?
Власта: Апсолутно, не знам како е тука, претпоставувам слично, на старите луѓе многу лошо се гледа, старите луѓе немаат веќе на ништо право, не само на сексуален живот, туку како да немаат право на живот. Како едноставен пример , кога ќе влезеш во трамвај, никој не станува за да седнеш, тоа нема шанса да се случи.
Трн: Вашиот проект ги промовира различните аспекти на стареењето. Кои се најзначајните пораки што сакате да ги испратите со вашата изведба?
Весна: Ние двете кога почнавме да работиме на проектот Достоинството на стареењето не почнавме заради нас, нас не ни е тешко, ниту мене, ниту на Власта затоа што се занимаваме со една преубава уметност која трае додека не умрете, а јас не верувам во смрт, што значи ќе трае додека трае векот. Така да ние имаме привилегија, ама за жал, јас сум опкружена со стари луѓе кои паѓаат во заборав, доаѓаат до состојба на деменција поради неработење со мозокот. Јас читам месечно по 20 книги и тоа мене ми е многу важно, не можам да танцувам, ама не е важно, утре можеби ќе можам! Се осеќам преубаво. Имам исто така мала пензија како мојата сосетка, што живее веднаш до мене, но таа пати, јас не патам. Ние сакавме тоа и да го прикажеме, тоа достоинство на стареењето, особено на жените, бидејќи ние сме баби и не сакаат како баби, ама тоа е некој потесен круг, зависи од тоа колкаво семејство имате, јас го имам само мојот внук Алекс кој ме сака многу а и јас него. Пораката е важна што ја испраќаме на другите луѓе, да видиме како живеат нашите старци во Србија, во Македонија и каде и да одиме, како живеат, како им е на нив тешко, како се чувствуваат тие изолирано, и колку се пред екраните наместо во природа, на улица и слично.
Трн: Многу имате патувано и истражувано. Во кои средини се најсреќни старите луѓе?
Весна: Старите луѓе најсреќни се во европските богати општества. Но, да речеме и во Аргентина луѓето се многу слободни и на старите луѓе се гледа исто како на младите. Никој не се потсмева ако види на улица стар човек како танцува, а кај нас веднаш би почнале коментари, ма што е со оваа баба полудела. Таму се танцува и се смее, а овде луѓето како да ја изгубиле насмевката. Мене кога ќе ме видат ми велат тебе сигурно ти е многу убаво, постојано си насмеана, ама јас така си го подигам духот и си ги ширам видиците. Јас сум во темница непрекинато, нема повеќе ден кај мене, но во таа темнина јас имам 500 светови, а на мојот колега кој е исто така слеп многу му е тешко, така што не можам да кажам која е пораката за нас, меѓутоа за публиката е да ја почувствуваат радоста на живеењето . И уште нешто, мислам дека младите луѓе денес тешко живеат, јас не би се вратила сега во младоста за ништо на светот, денес е тешко да се живее во ова општество, не се работи за политика, туку се уште не дошло до промена на општеството, општеството е сега на една крстосница дали да се врати кон мајмунот или да оди накај надчовекот.
Трн: Како се справувате со предизвиците и стереотипите поврзани со стареењето во вашата уметничка работа и во општеството? На какви критики наидувате?
Власта: Јас за овие 45 години на сцена доживеав секакви критики, ама не ми влијаат на мојата работа затоа што, сето тоа тоа е заради неинформираност и незнаење. Ми се случило, на оние кои ме критизирале откако ќе им се објасни , тие веднаш реагираат, велат па и не е толку лошо.
Мојата мајка кога ме виде на телевизија како јавам гола на коњ, ми кажа: мене ми се чини дека ти имаш право. Но, најголем проблем е тоа што луѓето не знаат, имав толку грозни вулгарни критики, па што и е на неа, што сака таа, не ли и беше доста секс…
Трн: Што мислите за силиконската долина и се што се прави да се спречат знаците на стареењето? Дали мислите дека тоа е недостоинствено стареење?
Власта: Не тоа зависи од личноста, мене не ме интересира, ама оние кои тоа го сакаат зошто да не, ако имаат пари. Не правам корекција на моето тело, нека старее како што си оди времето.
Меѓутоа и немам проблем ако некој сака да умре како стар и убав леш, само што тоа мене не ме интересира.
Трн: Колку години сте на сцена и кои ви се клучни моменти од вашата кариера?
Власта: 45 години сум на сцена, на почетокот работев со мојот прв сопруг, кога ме ословуваа како Јерман и неговата сопруга и тоа ужасно ме нервираше, траеше три години. Јас сум уметница сама за себе, и токму затоа почувствував потреба да се изборам луѓето да ме ословуваат како Власта Делимар, а не Јерманова жена.Тоа беше клучен момент од мојата кариера.
Трн: На што сѐ сте подготвени да направите во име на уметноста?
Власта: Уметноста е за мене број еден. Ни семејство, ни држава, ни деца, никој. Ќе ви раскажам еден пример, што ми се случи во 2009 кога со двајца други уметници работевме перформанс во Загреб на главната улица каде прошетавме голи и мојата ќерка која знеше што ќе работам, ми рече дека не смеам тоа да го направам бидејќи пријателите се подбиваат со неа и дека ќе се убие ако го направам тоа. А јас и реков знаеш што мило дете, ти си мојата ќерка, јас те сакам многу, но нема да дозволам да ме уценуваш. Јас ќе го направам тоа а ти види и секако дека не се уби. Што сакав да кажам, дека нема таква личност што мене ќе ме спречи, ако сакам нешто да направам.
Весна: На сцена сум повеќе од 60 години, сега сум исто како што сум била, имам зад себе 100 улоги. И на мене уметноста ми е прва, немам среќа како Власта со ќерката,(се смее) Уметноста ми била живот отсекогаш, не можам да издвојам една две улоги, ама ова што го работев со Власта е навистина многу важно, не само за нас, за старите луѓе, туку и за сите општества.
Трн: Работиш теми кои се уметнички и социјално одговорни, ама не се теми кои се додворуваат на општеството, како на пример фенси е да се работат теми за зелено, за климатски промени па сите работат, како сте прифатени од стручната сцена во Загреб?
Власта: Стручната сцена тоа го разбира, ама секогаш постојат кустоси кои помалку политички се зафатени, секогаш има над мене уметници во Хрватска, а тоа е така затоа што никогаш не правев компрмис.
Јас секогаш ќе бидам онаа будала која во свој перформанс си ја сруши куќата!