Белгиска општина му ја одзеде титулата „почесен граѓанин“ на легендата на францускиот филм Жерар Депардје, поради коментари окарактеризирани како мизогинија, пренесе АФП.
Тие беа емитувани во француски документарец претходно овој месец.
Депардје (74) беше обвинет за силување во 2020 година, а исто така беше обвинет и за 13 точки за сексуално вознемирување или напад.
Документарниот филм „Fall of the ogre“, кој се емитуваше на француската јавна телевизија на 7 декември, покажа клипови од актерот за време на патувањето во Северна Кореја во 2018 година.
Тој постојано даваше експлицитни сексуални коментари во присуство на преведувач, сексуализирајќи мало девојче кое јава коњ.
Адвокатите на актерот, во соопштение, го критикуваа документарецот, велејќи дека станува збор за „контроверзна и сомнителна програма која емитува монтажа на слики направени во интимна и приватна сфера“.
Но, белгиската општина Естаимпуис објави дека ја одзема титулата дадена на Депардје кога живееше таму во 2013 година.
Локалните власти рекоа дека коментарите на актерот, емитувани на телевизија, „се спротивни на вредностите што ги промовира општината Естаимпуис“.
Одлуката на Белгија доаѓа еден ден откако францускиот министер за култура го осуди однесувањето на Депардје.
Рима Абдул Малак рече дека започнува „дисциплинска постапка“ за да одлучи дали да му ја одземе највисоката чест во земјата, Легијата на честа.