Наташа Сарџоска: Задачата на една писателка е да го соочи светот со она со коешто светот не сака да се соочи

Трн: Живот без сведоци или Живот со безначајни ликови како неми сведоци ми е на иста длабочина. Кој е твој избор на живот? Какви сведоци има во твојот живот?

Наташа: Мојот избор на живот е лишен од површност и излишност. Сакам суштински нешта, сакам во сѐ што правам, мислам, чувствувам и кажувам да најдам и да дадам смисла. Сакам да го хранам мојот внатрешен живот и сакам да хранам автентичност и доследност во мене и околу мене, и сето она што е надвор од таа суштина, за мене губи смисла. Тоа подразбира често и самотија, исклучување, отсеченост.

Сведоците во мојот живот се ретки, посебни луѓе, секогаш во дослух со моите внатрешни случувања, кои знаат да ги препознаат моите внатрешни тишини, вртоглавици, свиоци, понори и конвулзии. Жил Делез ќе рече дека сите ние сме помалку дементни, но дека токму во тоа се состои нашиот шарм. Затоа, ме интересираат длабоки, необични, храбри, посебни, искрени, но и чудни и нејасни луѓе, луѓе кои си признаваат дека не знаат што сакаат, дека не знаат кои се, каде одат, што им треба, луѓе кои не се плашат од пораз, од неуспех, луѓе дури помалку налудничави, нестандардни, неразбирливи луѓе, луѓе кои се спремни да се доведат себеси во прашање и да горат за своите соништа и копнежи. . Сите останати се обични минувачи.

Трн: Со твојот прв роман, Трамонтана не поведе на едно длабоко интроспективно патување, на какво патување не носат главните ликови во новиот роман? Што претставуваат тие во општеството?

Наташа: Во новиот роман „Живот без сведоци“ говорам за малите, стигматизирани, несреќни, проколнати, девијантни луѓе пред кои сите го вртат погледот, ја веднат главата, избегнуваат средба, пред чијашто форма на живот сите замижуваат. Одметнати од секаков можен систем, нивните животи немаат сведоци. Тие се дел и од нашата пост-транзициска стварност. На едно повисоко рамниште, нивните пороци и демони се метафора на една масовна меркантилизација и отуѓување на човекот во свирепото потрошувачко општество. Моите ликови живеат во симболично и самоопределено заложништво, но токму таму егзистенцијалистички се спознаваат себеси и ја барат смислата на својот живот.

Задачата на еден писател, уметник, не е да го смени светот, туку да го соочи светот со она со коешто светот не сака да се соочи. Писателот сака да покрене прашања чиј одговор го премолчуваме и да разбере што се случува во умот на другите, но и во својот.

Отсекогаш сум избегнувала луѓе кои земаат сѐ здраво за готово и кои имаат врежани сигурности во сѐ и за сѐ. Пишувам за да го именувам и разберам светот, но пишувам и за да се разберам себеси, за да постојам. Одамна, низ еден разговор во Горан Стефановски научив дека пишувањето е и психотерапија. Верувам во тоа.

Трн: Транзицијата донесе и многу општествено неприфатливи ликови, а всушност тие се плод на декаденцијата на еден повисок столб од општеството? Како изгледаше твојата истражувачка работа за да ги претставиш овие ликови од книгата?

Наташа: Точно така. Сакав да посочам дека таа девијација на главните ликови е исход од декаденцијата на системот и тоа токму во тој висок ешалон на општеството: едни без други не би постоеле. Нашата постсоцијалистичка транзиција произведе многу такви отпадници, губитници, често луѓе без морал и свест, прогонети души. Но тоа се случува и на глобално ниво: постојано некој некаде некако убива. Насилството нѐ напаѓа од секаде. Затоа ведрината не е нешто рамно и празно, туку е револуционерен избор во овој свет.

За да ги изградам ликовите во мојот роман „Живот без сведоци“ работев како антрополог, набљудував, разговарав со луѓе кои ги познаваат овие девијации, како проституцијата, коцката, игрите на среќа, или биле блиски до ваквите отстапувања од социјалните и културните вредности. Разговарав и со некои луѓе кои од теориски аспект ги познаваат овие појави. Се обидов да ги прикажам ликовите на начин поинаков од оној на којшто сме често научени да ги перцепираме.

Трн: Дали сочувствуваш со нив или ги осудуваш? Кон кого е генералната критика во книгата?

Наташа: Никого не осудувам. Треба да се разберат човечките слабости. Не може секој човек да се одважи и осмели да живее автентично и различно од нормата, многумина живуркаат по линијата на малиот отпор. Антрополог сум и ме предизвикува бескрајната човечка природа и неуморно ја истражувам дури и паднатата природа на човекот. Но со оваа книга сакам да испуштам крик на бунт против еден систем што ги меркантилизира човечките животи, што ги сведува на трансакциски операции и нумерички вредности, затоа што во ваков безличен свет, лишен од повикот за вистина, добрина, љубов и убавина, луѓето стануваат обезвреднети, испразнети лушпи. Критиката е упатена кон оние што прават зло и што се свесни дека прават зло, затоа што не се свесни дека со тој избор тие веќе го создаваат пеколот на земјата. Во оваа книга, тие луѓе се чинители на пеколот, кој е конкретно место, сега и тука, не е некоја состојба што ќе настапи после смртта. Зарем не го сведочиме насекаде во светот и тука околу нас? Мислам дека е дојдено времето кога мора да прекинеме да ги релативизираме работите и да вперуваме прст напразно и шаблонски, за да ги именуваме нештата онакви какви што се, без филтри и без флоскули.

Луѓето се плашат од оние што кажуваат што мислат, а замислете пак колку би се плашеле од оние што немилосрдно прават морален избор и го прават она што е правилно и праведно! Сите се чувствуваат загрозени во присуство на вистински личности. Но лично верувам дека промената однатре кај секој човек настанува само кога човекот ќе се осмели да го прави она од што стравува, не само она што му се допаѓа или мигновено го понесува. 

Трн: Дали пишувањето романи е понапорно од пишување поезија? Каде се пронаоѓаш повеќе или каде емотивно си повеќе инволвирана?

Наташа: Пишувањето роман е напорно, точно велите, во смисла, тоа е тешка домашна задача, затоа што изискува долго и неблагодарно време, точна концентрација, вртоглави тишини, внатрешни сослушувања, непрекинати пречитувања, дочитувања, обмислувања, премислувања, уточнувања, брусења, делкања, неочекувани свиоци, дисциплина и пред сѐ „сопствена соба“: не верувам дека без квалитетно време и суштински простор и автентичен живот еден писател може да создаде добар роман. Невозможно е да се создаде уметничко дело, а притоа да се живее лежерен и левтерен, неискрен живот. 

Истото важи и за поезијата. Но поезијата се пишува во поинаков календар: една поетска песна може да избликне во една ноќ и засекогаш таму и таква да остане. Поезијата е себична, љубоморна, таа бара од вас целосно внесување и откажување од сето останато. Опивна, хипнотичка, метафизичка, алхемиска е и бара од поетот вистина и убавина, а не само едното или другото. Без вистина и убавина песната не е доживеана. А тоа не е уметност, тоа е лага.  

Јас сум емотивна личност. Би сакала во сѐ што правам, да внесам длабоки емоции, или воопшто ништо да не правам. Тоа значи дека и во двете творештва сум поеднакво емотивно внесена. Можеби во пишувањето поезија повеќе ги пренесувам своите лични болки, страдања, сето она што не можам да го кажам, што ми е заглавено во грло.

Но доколку ме прашате да ви ја посочам разликата во емоциите во процесот, би рекла дека кога пишувам роман, имам секогаш пред себе читатели, пишувам за читатели, во себе ги имам како слика, како визија, како соучесништво. Но кога пишувам поезија не мислам на читателите, туку на себе, на својата внатрешна преобразба и на местото каде што сакам да стигнам: ако некој некогаш во некоја пустина или на празна железничка станица или во хотелска или болничка соба најде и прочита моја песна и ако таа песна му помогне, му донесе сознание, смисла, утеха, надежм сила, тогаш јас ќе бидам среќна.

Трн: Која ти е најголемата сатисфакција во еден ден?

Наташа: Исполнет ден за мене е кога успевам да ги исполнам моите духовни и телесни потреби и кога ноќта ја дочекувам со ведар и мирен сон. Среќна сум кога одам пеш на врвот на Водно или кога трчам покрај Охридското Езеро, кога читам книги, пишувам. Не сакам врева, не сакам многу настани, луѓе, празни разговори. Среќата е субјективна работа и можам да ја најдам и во глува ноќ на некој автопат а пат кон некаде или во чаша вино во празен џез клуб или низ часови изминати на балкон покрај море во Наполи.

Трн: Дали имаш ти можеби некои ликови кои те инспирираат да пишуваш и создаваш?

Наташа: Секако, тие ликови се или измислени во мојата глава, инспирирани или поттикнати од реални контексти, ситуации и случки, од мојот личен опит, или се конкретни ликови кои требале да бидат претворени во апстрактни ликови во моите романи. Но постојат и случајни туѓинци, неочекувани минувачи, непредвидени средби или изблици на слики што наеднаш ми дале смисла и поттик од нив да почнам да градам приказна. За мене секој лик во моите романи е реален лик, ме следи, ми говори, живее во мене исто како што секоја книжевност е автобиографска, на ваков или онаков начин.

Трн: Освен фриленсерската работа, на што друго работиш во моментов? Што те научи фриленсерството тебе?

Наташа: Работам како преведувач и толкувач и таа професија насекаде е најчесто поврзувана со т.н. „фриленсерски“ формат на услуга. Во суштина, за мене тоа во Македонија е единствен избор. Тоа ми дава слобода. Приврзана сум за своето време, простор, самотија, слобода и таков вид на работа тоа ми го овозможува. И таа независност нема цена. Не би можела себеси да се замислам во партиски табори чекајќи некаква државна работа, ниту пак да кршам лакти лобирајќи во приватниот сектор: кај нас владее вирус на клиентелизам, непотизам, фаворитизам, кои се ужасни видови на корупција и тоа никој не го признава. Мора да си кажеме дека во македонското општество не постои коренит систем на заслуги и вредности. Исто така, морам да кажам и дека државата многу малку внимание посветува на правниот и социјален, здравствен статус на т.н. „фрилесерите“ или во превод „слободни професионалци“, кои како да се исклучени од системот. Имаме во нашите театри, платени од буџетот актери кои со децении не стапнале на сцена, па во разни министерства државни службеници на платен список, а канцелариите зјаат од празнотија, а фриленсерите и покрај сиот влог во општествениот развој, се сепак оставени на маргините и мораат сами да го уредуваат својот статус.

Кога живеам во Германија, работам како професор на Меѓународнот универзитет „Шилер“ во Хајделберг каде што предавам од 2015. Често држам предавања во Мадрид и Париз, но предавам и онлајн во Флорида на истоимениот универзитет. Докторирав антропологија во Германија и благодарна сум ѝ на таа земја што ми овозможи од блиску да го запознам тој непристрасен систем на заслуги и на вредности.

Освен толкување, преведување и предавање на американски универзитет, пишувам многу, преведувам книжевни дела. Во моментот работам на една романсирана биографија, на превод на еден стрип од шпански јазик и на нова поетска книга што ја пишувам на италијански јазик, кој ми е речиси исто толку близок колку и мајчиниот македонски јазик.

- Реклама -