Демократскиот сојуз соопшти дека не поддржува формирање на Техничка Влада, а уште помалку со премиер од редовите на ДУИ.
Од партијата предупредуваат дека со тоа што ќе се формира техничка влада која, велат, дополнително ги суспендира и крши одредбите и начелата на соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, се крши Охридскиот рамковен договор и Амандман 6 од Уставот.
„Со доминацијата на ДУИ, која има само 13 од вкупно 120 пратеници, се покажува и потврдува определбата на СДСМ по секоја цена да биде на власт, не водејќи сметка за националните и државни интереси, како и за интересите на мнозинскиот македонски народ“, велат од Демократски сојуз.
Тие предупредуваат дека ваквата политика нема поддршка од мнозинството граѓани и дека не поминуваат манипулациите дека тоа било некаков Европски фронт и слично.
„Овој преседан кој го наметна Ковачевски има силни рефлексии на меѓуетничките односи, како и на натамошна ДУИзација и криминализација на државата, неодговорноста и неказнивоста на политичката мафија која владее со Македонија“, се додава во реакцијата.
Од партијата на Павле Трајанов потенцираат дека тие се за граѓански концепт и функции да добиваат најспособните, без разлика на етничка, верска или партиска припадност.
„Тоа треба да важи за сите етнички заедници, без Бадентер и Балансер. Не може овие правила да се злоупотребуваат само во интерес на ДУИ“, категорични се од партијата.