Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, денеска изјави дека постојат различни начини и во различни етапи за да се изрази незадоволството на лицата кои САД ги поместуваат на „црната листа“. Таа денеска за време на посета на Криволак одговараше за новинарски прашања во врска со најавите на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт департментот, кој го стави на „црната листа“ поради значителна корупција.
Таа повтори дека листата ќе се проширува со нови лица, но не кажа кога и со кого, нагласувајќи дека не може да предвиди што ќе одлучи Вашингтон.
„Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават“, рече Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.