ПИН Музичка конференција, прослава на трансформативната моќ на музиката

Викендов МКЦ беше домаќин на 10 тото јубилејно издание на ПИН Музичката Конференција, настан кој на едно место собра околу 300 делегати и повеќе од 50 изведувачи од 30 држави. Конференцијата е прва, единствена и најголема меѓународна музичка конференција во земјава. Според организаторите, ова е единствен настан кој ги поместува границите нудејќи разновидна палета на жанрови преку своите панели, работилници и перформанси. ПИН, велат не е само конференција, тоа е прослава на трансформативната моќ на музиката, каде што се споделува знаењето, се создаваат мрежи на идна соработка и одекнува ритамот на креативноста.

ПИН музичката конференција годинава го слави своето десетто издание. Во склоп на својата програма на панели и концерти ни носи повеќе од 300 делегати и повеќе од 52 изведувачи од 30 држави –вели Рамона Моња Кочишка, организаторка на фестивалот.

ПИН има голема прогресија од својата прва година па до сега, смета Кочишка бидејќи пред 10 години настанот започнува само како конференциски фестивал, без музичка програма и изведувачи. Исто така не беше одржувана во МКЦ, туку на помали локации. Секако и во поглед на гостите, фестивалот може да се пофали со многу по познати гости со многу големо музичко искуство.

-Луѓето кои ни доаѓаат моментално тука велат дека се чувствуваат како да се дома, така што кога доаѓаат кај нас се чувствуваат како нас и многу убаво и природно тече целото запознавање. Сега сме само до десеттата година. Нормално дека имаме планови многу повеќе да ја прошириме конференцијата со многу повеќе сцени и изведувачи. Иако тоа е голем предизвик, не им се плашиме на предизвиците, туку тие ни се само убава почетна точка за да може да твориме во иднина – вели Кочишка.

Од 50 те артисти гости на годинешната ПИН Конференцијата, разговравме со K not K, еден од најпозтите артисти од Источна Европа по потекло од Романија.

– Она што го сакам кај овој тип на музички конференции е дека се исполнети со интересни луѓе, интересни се музички, естетски и во поглед на бизнис. Добро е за воспоставување на нови врски и соработки. Секогаш е добро да си на ваква конференција и оваа е навистина посебна. Ми се допаѓа. Вчера имав прилика да видам дел од фестивалот и бев доста импресиониран. Многу добри бендови и интересни панели. Сега сакам да видам и дел од градот. Слушнав дека има луда архитектура и доста сум љубопитен  -вели  за Трн K not K

За овој артист  културната автентичност не е пречка за освојување на глобалната музичка сцена, напротив вели тој, тоа може да биде предност затоа што носи нешто посебно.

– Нешто уникатно од вашите корени и вашата област и токму таа уникатност да ја донесе на пошироката јавност која е заситена од истите англиски текстови– смета K not K.

Ако ја денешната индустрија ја споредиме со онаа во  80- тите и 90- тите години, кога само големите издавачки куќи имале монопол кого да поттурнат и покажат во музичкиот свет, денес виртуелно вели K not K секој може да продуцира песна од својата спална соба и да стане познат.

– Не сум во позиција да кажам дали е тоа добра или лоша музика, но мислам дека е спектакуларно и интересно за времето во кое живееме – вели K not K.

ПИН фестивалот е токму таа спектакуларност и разноликост која му беше потребна на градот на крајот од оваа година.

- Реклама -