Пендаровски: Апелите не допираат до политичките субјекти кои на сите трагедии им даваат етничка конотација, потребно е дејствување на правната држава

Водењето политика која поттикнува етничка омраза е опасно, особено за мултиетничка држава како нашата, а особено лоша пракса е на трагедиите – и на жртвите, но и на сторителите – да им се дава етничка конотација, изјави денеска шефот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи ги случувањата околу грозоморното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Апелите не допираат до (свеста на) политичките субјекти кои на сите трагедии им даваат етничка конотација, и потребно е дејствување на правната држава, која треба да ги преземе неопходните чекори кон оние кои шират говор на омраза и поттикнуваат етничка нетолеранција, заклучи Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања на маргините на Отворениот форум за антикорупција.

„Сега вие барате од мене порака за јавноста, мислам дека тоа не допира до нивната свест, не допира. Просто тие се така скроени, така мислат дека треба да се води политиката, што е исклучително опасно за една држава како што е Македонија, со ваква внатрешна етничка и религиска структура, да се поигруваш со тие работи, со тој говор на омраза. Мислам дека тие луѓе и партии треба да се санкционираат. Едноставно кажано нема потреба од апели, тоа не допира до нивната свест, не им допира до умот. И потребно е правната држава да ги преземе неопходните чекори во таа смисла… Таа пракса, лоша пракса – на сите сторители или жртви да гледаме само низ етничка призма, а последниов трагичен случај нема никаква етничка компонента – се случува кај одредени политички субјекти и политичари, поединци, долг период наназад“, рече Пендаровски.

Таквите субјекти прибегнуваат кон таква политика бидејќи немаат други конкретни политички понуди и не се свесни за опасноста, оцени претседателот на државата.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

„Зошто го прават тоа? Затоа што не се свесни за опасноста. Ако влезеш во реторика со етнички призвук, ќе ти биде одговорено на ист начин од другата етничка страна. А го прават тоа затоа што немаат реална политичка понуда. Што ќе понудат, освен закани? Ако таквите дојдат на власт ќе биде вака: од едната страна ќе бидат Албанците, од другата Македонците… ќе биде лошо“, порача Пендаровски.

Тој потсети дека во трагедијата животот го изгубија „двајца наши сограѓани“, но и дека осомничените засега се само обвинети и дека е потребно и за нив да се почитува пресумпцијата на невиност, односно да се почека исходот од судската постапка.

„Меѓутоа, особено првообвинетиот, е познат по таква реторика, со говор на омраза, децении, децении наназад, и никој ништо не му направил. Значи тој и тој беше во политиката. Политиките на неговата партија низ негова уста сееја само омраза кон одредени етнички заедници кои живеат во Македонија. Значи не ме чуди дека на таква реторика, која претходеше на злосторот, сега се одговараат други со слична структура, политичари или јавни личности сеедно, или луѓе активни на социјалните мрежи, кои само го продолжуваат тоа што тој го правеше со години, а системот за жал не реагираше“, рече Пендаровски.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, синоќа на прес-конференцијата по повод апсењето на Палевски во Турција, истакна дека мирот и стабилноста во државата никој не смее да ги загрозува и порача дека партијата на Палевски мора да биде дерегистрирана.

- Реклама -