„Од поинаков дискурс“ низ објективот на Иван Џепаровски во „Мала станица“

Второто издание на циклусот „Од поинаков дискурс“ на Национачната галерија на Македонија ќе биде отворена во четврток (7 декември) во 19.30 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“. Изложбата е продолжение на првичната идеја за вклучување на лица, интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија. Целта е од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо. За првото издание го поканивме д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач кој ја предложи темата „Мустаќлии“. Второто издание како концепт го осмисли проф. д-р Иван Џепароски. На изложбата ќе бидат поставени 80 тина дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек дела, меѓу кои и: Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други. Организација на изложбата е на д-р Ана Франговска.

Лазар Личеноски, Риба, 1959

– Дискусиите и дебатирањето за или против менување на методите и експериментирање со нови пристапи на истражување и презентирање на ликовната уметност, осовременување на истите, излегување од сигурната институционална зона со нови, автентични теми, несекојдневни и храбри компарации, анализи од изменета визура, вонстандардни систематизации и класификации, воведување на мулти, па и транс медијалност и дисциплинарност во презентациите… се само дел од многуте аспекти кои се разгледувани и анализирани на многубројните стручни колегиуми на кустосите во Националната галерија. И покрај некои благи отклони кон новите искуства на времето, институционалната сигурност и востановените стандарди тешко се пробиваат – вели Франговска.

Во својот текст кон изложбата Џепароски пишува:

„Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката несомнено е појавувањето на еден своевиден теориски „животински пресврт“ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата. На овој план, секако, треба да се укаже и на појавувањето на голем број дела посветени на оваа проблематика, меѓу кои се истакнуваат повеќе остварувања од кои укажувам на две: книгата на авторите Клинџендер, Антал и Хартан под наслов „Животните во уметноста и во мислењето“ и зборникот подготвен од Ененкел и Смит насловен како „Раната модерна зоологија: конструкцијата на животните во науката, книжевноста и во визуелните уметности“, дело во кое овие прашања мошне успешно се тематизираат“.

Димитар Манев, Без наслов, 1994

Иван (Ивица) Џепароски (1958, Скопје) е поет, филозоф и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дваесет и пет книги, и тоа: на шест поетски книги, на единаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на две поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004- 2009; 2013- ) и секретар на Македонскиот ПЕН Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над десетина странски јазици во светот. Поетски дела: Слики од изложбата; Еклоги; Песни; Волја за мисла; Грабнувањето на Европа; Светлината на Света Гора.

- Реклама -