Синоќа пред поголем број на љубители на уметноста, во организација на КИЦ Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола беше отворена изложбата на мозаици од академик, Газанфер Бајрам, по повод 50 – години непрекинато творештво.
Љубителите на уметноста и посебно на мозаикот можaт да ги видат монументалните мозаици, како „Мостот“ (1997) што се наоѓа во зградата на МОБ во Скопје, шесте мозаици во салата на Собранието на Република Северна Македонија (1999), „Икаров лет“ (2000) мозаик во ВИП-салонот на Аеродромот во Скопје, трите мозаици Танчерка, Портокалов цвет 1, Портокалов цвет 2, во највисоката резиденцијална кула Портокал чичеџи во Анкара, како и монументално дело „Четири елементи – универзум“ во влезот на МАНУ.
Посебноста на мигот на претставување на неговото дело во Битола, ја назначува и непосредна близина на Хераклеја Линкестис и прочуената сообраќајна артерија на римското царство – Виа Игнација по која се точкале војски, трговци, народи, низ вековен допир и размена на различни култури и влијанија од Рим до Сирија, Константинопол, Антиохија и Александрија, истакна Лили Бошевска, директорка на Културно информативен центар-Битола.
Мозаиците се изложени во кристалната сала на битолскиот Офицерски дом. Изложбата ќе биде отворена до 10 декември.
Извор: https://racin.mk/vesti/vo-bitola-otvorena-izlozhba-mozaiczi-na-akademik-gazanfer-bajram/