Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување 48-часовен притвор за тројца од петтемина приведени во текот на вчерашниот ден поврзани со исчезнувањето на 14-годишната Вања, со цел да биде обезбедено нивното присуство до целосно расчистување на настанот.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, во текот на целиот ден се преземаат дејствија за обезбедување докази.
-Јавното обвинителство и МВР ќе ја информираат јавноста веднаш штом се создадат услови кои нема да ја нарушат постапката. Сите шпекулации кои имаат за цел да ја компромитираат истрагата во овој момент ќе бидат најостро санкционирани, се вели во соопштението на ЈО.
Од МВР информираат дека, СВР Скопје интензивно работи на рачистување на случајот, по што соодветно ќе ја информираат јавноста.
Инаку, во текот на вчерашниот ден беа приведени пет лицаво врска со случајот за исчезнувањето на девојчето Вања.
– Синоќа до доцните часови се работеше интензивно. Морам да кажам дека имаме приведено пет лица и обезбедено едно возило, со што се продолжува понатаму со активностите. Тоа е нешто плус што го презедовме во однос на сето она како доказ, како трага што го обезбедуваме, се со цел да дојдеме до расчистување на овој случај, изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој појасни дека низа криминалистички истражни мерки се презедоа во изминатиот период се со цел да се утврдат сите овие факти.