Две нови книги од академик Витомир Митевски

Во издание на „Матица македонска“ и Македонската академија на науките и уметностите, објавени се две книги од областа на философијата од академик Витомир Митевски. Првата го носи главниот наслов на латински јазик „Philosophia in statu nascendi“, добро познатиот слоган во науката кој упатува на почетоците на философијата во западниот свет што е тематски прецизирано во поднасловот „На изворите на философското спознание“.

Книгата е авторско повеќегодишно истражување на природата на философското спознание која најдобро се препознава на самите почетоци и генезата на философијата во античкиот свет. Анализата на проблемот кај Хераклит, Сократ, Платон и Аристотел поодделно открива дека философијата постапно развива еден свој посебен спознавателен метод кој во старогрчкиот јазик се именува како theoria, во латинскиот се преведува како contemplatio, а во старословенската преводна традиција се јавува како созерцание. Накусо, се работи за спознание кое не е упатено на анализа на надворешниот сетилен свет туку се раѓа однатре, како резултат на автентична философска размисла. Тоа е несетилно и непредметно спознание кое израстува од нашата душа, како што би рекле старите философи. Со овој свој специфичен спознавателен метод философијата се издвојува како од религијата која се потпира на откровението така и од науката која е заснована на анализа на предметниот свет, наведуваат издавачите во описот на книгата.

Втората книга, под наслов „Philosophia perennis: Столбовите на античката мудрост“, е првиот дел од повеќетомната планирана едиција, а обработува теми од философска антропологија. Предмет на истражувачкиот интерес се елементарните пројави и одлики кои човекот го издвојуваат како посебно суштество во светот што го опкружува. Тргнувајќи од убедувањето дека философијата (philosophia perennis) изворно е посветена на проблеми кои ја засегаат длабоката интима на човечкото суштество без оглед на сите надворешни животни турбуленции и минливоста во времето, авторот издвојува некои од нив. Централно место имаат свеста за нашата смртност која повратно нѐ дефинира како единствени живи суштества, потоа длабокото чувство на самотност и егзистенцијална издвоеност во светот како единка и чувството за мера која со својата космичка димензија се наложува како услов за опстанок во живот.

Академик Витомир Митевски е познат во нашата културна јавност како автор на бројни дела од областа на философијата и античката култура. Како долгогодишен професор по класична филологија на Филозофскиот факултет, тој повеќе децении истражува и објавува како во земјата така и во странство. Од многубројните авторски книги се издвојува едицијата во десет тома посветена на античката философија и нејзиното влијание, потоа монографиите за Хераклит, Платон, Аристотел, учењето за душата и духовниот живот во антиката и средновековието, дела од античката и византиската книжевност, монографијата за македонскиот епски циклиус за Марко Крале и византиската епска традиција. Посебно се издвојуваат неговите препеви и преводи од оригиналот на големи епски и философски дела од антички и византиски автори.

Извор: mia.mk

- Реклама -