Американска премиера на „М“ на Вардан Тозија во Њујорк

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија денеска ја има својата премиера во САД на фестивалот „Dances with films“.

„По 25 години одржување во легендарниот Chinese Theatre во Лос Анџелес, фестивалот се сели во срцето на Њујорк, повторно на култна локација – Regal Union Square Theatre во Менхетен. Според „USA Тoday“, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“. Според Си-Ен-Ен, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија““, вели Невена Поповска.

Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму на официјалната селекција на овој фестивал ќе ја претставува македонската кинематографија пред американската публика.

„По премиерата, ќе се одржат дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм „М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media“, соопштува Поповска.

Извор: mia.mk

- Реклама -