Една од главните организатори на фестивалите Таксират и Пин, Рамона Моња Кочишка, во утринската програма на Слободен Печат посочи дека Таксират како фестивал е темел на новиот милениум на Скопје.
Годинава слави 25 години од своето постоење и е посветен на сите кои биле дел и го поддржале фестивалот Tаксират во изминатите 25 години а тука се вбројуваат Дубиоза колектив, САРС, Дуо французи, Дабе Фикс и уште многу други големи музички имиња. Од друга страна, пак, Пин фестивалот слави 10 години од своето постоење и ги поврзува сите генерации преку музиката.
Кочишка додаде дека целта на самите фестивали е да се привлечат македонски музичари, луѓе кои се дел од македонската музичка индустрија, да дојдат и да се запознаат со гостите кои ги носи самиот фестивал – делегати од големи фестивали како Егзит, Сигед, Tomorrowland… а во склоп на музичката програма учествуваат нови македонски бендови кои треба да бидат препознаени токму од тие делегати.
„Пин е бесплатен фестивал и достапен за сите, не познавајќи граници – годинава се присутни повеќе од 300 делегати од странство и преку 52 изведувачи. Истиот фестивал се одвива на 5 бини и годинава се слави јубилеј – 10 години од неговото постоење. Ние сме изненадени од посетеноста и интересот на младите кои го јавуваат за посета на ваков фестивал“ – додаде Кочишка.
„Фокусот на самите фестивали е да привлечеме што е можно повеќе млади да се интересираат за култура и музика и им оставаме простор да се заинтересираат да дојдат и да се пронајдат во некој од секторите – сите си имаат свое место под сонцето“ – рече Кочишка.
„Во декември Скопје станува европски град благодарение на Пин и Таксират – музички фестивали на кои се доаѓа поради името, а не поради програмата којашто ја нуди фестивалот. Тоа е знак дека младите нам ни веруваат“ – посочи организаторката на овие фестивали.