Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска остварила средба со директорката на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, Андреа Рихтер, која е и претседател на Европската музејска академија, на која биле истакнати улогата, значењето и активностите на Форумот чија цел е поврзување и претставување на културата на словенските народи во светот.
Според Костадиновска-Стојчевска, музејската дејност, како една од севкупните области на дејствување во културата, е од особено значење за афирмацијата и промоцијата на култура и културното наследство, за едукација на граѓаните, а особено на младите за културните богатства и особености на словенските народи.
Како што информираат од Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска ја посетила и работилницата „Музеите кои значат – постојани музејски поставки и работа со посетители“, која во организација и во соработка со „Форумот за словенски култури“ се одржува во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола.
„Министерството за култура дава целосна поддршка на организацијата на семинари и работилници на кои музејските работници и експерти ќе дискутираат на различни актуелни теми од областа на музеологијата, за создавање нов профил на музејската практика, соодветна на современото општество. Размената на искуства и добри практики ќе овозможи модернизација на постојните музејски поставки, систематско планирање на развојните активности, како и поврзување на музејските институции на меѓународно и на регионално ниво“, рече министерката за култура.
Таа посочила дека активностите на Форумот, како и денешната работилница, ќе бидат уште еден поттик за збогатување на програмските содржини во музејските институции давајќи придонес во афирмацијата на културното наследство што го поседуваат словенските земји.
Министерката Костадиновска-Стојчевска потенцирала дека Северна Македонија и во иднина ќе продолжи со активна партиципација во Форумот, со цел да реализира што поголем број проекти со кои ќе се создаваат високи културни вредности, користејќи ја притоа културната сличност и различност како основен развоен контекст.
Извор: mia.mk