Во 20 часот во МКЦ Клуб премиерно ќе се изведе перформансот „Мачката Елеонора“, развиен во рамки на платформата за изведувачки уметности на Тиииит! Инк. – „Испробување феминистички иднини 2.0“. Втората изведба на перформансот „Мачката Елеонора“ е закажана утре во истото време на исто место, соопштија од Тиииит! Инк.
-„Мачката Елеонора“ е сработена по монодрамата на Карен Јес, со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи. Коавторки и изведувачки се колективот составен од Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Катерина Шекутковска. Монодрамата „Мачката Елеонора“ нуди мноштво инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Колективот ги разработува овие процеси, не само преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо, туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори – авторки, се наведува во соопштението.
Станува збор за перформанс, дел од изведувачката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско 11“ и од програмата „МОТ+“, а развиена е во рамки на Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини 2.0“. Програмата е курирана од Кристина Леловац и се реализира во соработка со програмата „Култренинг“ на Локомотива – Центарот за нови иницијативи за уметност и култура и Меѓународниот театарски фестивал МОТ.
Влезот за перформансот е слободен, но, поради ограничен капацитет, потребна е претходна резервација на tiiiit.inc@gmail.com.
Активностите на Платформата во 2023 се поддржани од The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, The Sigrid Rausing Trust и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Извор: mia.mk