Запознајте ја Драгана Гунин: режисерка, психолог, диџејка, активистка и copywriter

Трн: Драгана како психолог: „Приказни кои треба да ги слушнете“ – проектот го започна во ковид годината 2020, каков импакт имаше врз општеството и дали ќе продолжи ?

Драгана: Уф, Мое беше да почнам и да ја искористам својата позиција и можностите, да зборувам за оние кои не можат да го кренат својот глас. Дали сум задоволна од фидбекот? Не. Меѓутоа сметам дека тоа е процес на коренити промени, кои можеби ова општество уште не е подготвено да ги направи.

Можеби еден ден некој/а друг/а ќе ги продолжи истражувањата и ќе им даде нов тек и димензија.

Тоа не е работа само на еден човек, тоа е работа на сите, а најмногу на институциите. За да се охрабри било која да сподели нешто гласно мора да има цел систем на поддршка за да се чувствува безбедно и сигурно.

Моменталната ситуација зборува поинаку.

Фото: Александар Чокревски

Трн: Драгана како диџеј: Каква музика пушташ и каде, дали исполнуваш желби, ти доаѓа ли некој на пример до тебе за време сет и ти нарачува песна тадаам?

Драгана:  Ехеее, уште не сум стигнала дотаму. J Во оваа сум нај на почеток и од сите работи што ги правам ми е најново и најсвежо. Ама како дете на класика, метал и рок, техното ми е најлогичен след како музика што би ја пуштала. Можеби некому не, ама совршено се вклопува во мојот свет. Совшрено е и за истражување , има многу математика внатре, опседната сум со слушање и анализа. Се надевам еден ден ќе се ослободам толку многу да почнам и сама да создавам музика. Свирам и гитара па би направила многу интересни комбинации.

И да, последниот пат беше и втор, а пуштав во Даут пашин амам.

Фото: Александар Чокревски

Трн: Драгана како режисер: Дел си од независната сцена, се кубури со простор, колкав период живеат твоите претстави на сцена?

Драгана:  Пред точно една година решив да се дистанцирам малку од режија, да го живеам животот на поинаков начин, да работам друго и откако ќе се исполнам доволно со искуства да се вратам и сè тоа да го ставам во една претстава или повеќе претстави. Некогаш се дистанцирате и од работите и луѓето што ги сакате и пак се работи за љубов. Како тука. Безусловна за мене.

Можеби се кубури со простор, ама и ставот е тој, дека се кубури со простор и дека независната сцена треба да е тешка. Не треба да е, треба да е предизвикувачка, затоа што сепак се работи за театар. И треба да го сакате тоа.

Треба да има пари, треба да има продуцент и треба да има креативна слобода и имагинација, дека секој простор може да се искористи и од сè може да направите фабрика за соништа. Така вика и Питер Брук. Од другата страна на стравот живеат сите победи.

Претставите се живи онолку колку ќе им дозволиме. Исто, театарот не е вечна уметност, иако постои сега кога го гледаш и во тој момент може да е вечен.

Фото: Ерина Богоева

Трн:Драгана како активистка: Особено си препознатлива по борба за женски права? Од каде, како, зошто? Дали можеби си имала некој пример во непосредна близина или слично?

Драгана:  Па да, секако. Во сè што правам постои лична побуда па и тука. Ама не е сведено само на тоа. Мене ми е важна слободата на секое ниво, а никој не е слободен додека сите не сме слободни. Сите жени треба да ја живеат слободата, можност за избор и во контекст на ова што го зборуваме и моите истражувања, можноста да можат да си одат и да се чувствуваат сигурни во тоа.

Трн: Драгана како copywriter: Од кога си дел од division.mk и како се снаоѓаш?

Драгана:  Во дивижн сум скоро половина година и работам копирајтинг. Секој ден е прекрасна авантура и едвај чекам да одам на работа. Ја сакам таа динамика и можност да ја предизвикувам својата креативност и да се изразувам себе секој ден сè повеќе и повеќе.

Трн: И можеш ли да наброиш во моментов што се работиш и каде и како успеваш?

Драгана:  Сè што работам и правам во моментов го правам заради исполнување на еден мој преубав сон а тоа е преселувањето во Италија. Затоа сè е лесно дури и кога не е, сè е предизвик а е едноставно, затоа што знам дека  го правам за себе, имам цел и стигам кон неа.

Трн: На што најмногу трошиш време?

Драгана: Не трошам туку посветувам најмногу време на тоа како да бидам присутна во моментот, благодарна, свесна и да не ги сфаќам однесувањата на другите и нивните борби, таги и фрустрации лично.

Трн: Кога беше најсреќна?

Драгана: Сега. И најсреќна и најблагодарна.

Фото: Ерина Богоева

Трн: Што им должиш на родителите?

Драгана: Тие би прашале дали си должам нешто на себе.

Трн: Што значи за тебе успешна претстава?

Драгана:  Претстава направена од срце и душа, најискрено и која комуницира преку емоција со публиката. Можеби и допира таму каде што највеќе боли, па  те распаѓа и паралелно те составува.  И на крај од сала излегуваш како нов ама свој човек. Голема работа е театарот.

Трн: Што никогаш  не би работела?

Драгана: Ако кажам никогаш, сигурно ќе се случи. J

Трн: Со што не правиш компромис?

Драгана: Со моето ментално здравје.

Трн: Омилен филм, книга?

Драгана: Café de Florе на Jean-Marc Vallée, The hours на Stephen Daldry, Persona на Bergman. (овие ми се постари избори, досега не успеално нешто да ги надмине, а можеби и не се трудам доволно) Од поновите најголем впечаток ми има оставено Promising young woman, на Emerald Fennell.

Раѓањето на трагедијата, Ниче. Ајнштајновите соништа, Лајтман и  Дона Тарт како авторка, генерално. Многу ја сакам и Три жени од Лиса Тадео.

Исто така, никако да ја дочитам Улис на Џојс, не знам зошто.

Трн: Што би сакала да работиш следно?

Драгана: Деновиве ја мислам Три сестри, од Чехов. Отсекогаш пробував да ја поставам, имам точна идеја за таа драма во мојата глава. Па еве, можеби тоа.

Трн: По што ќе ја памтиш 2023 и што е во план за 2024?

Драгана: 2023 ќе ја паметам по надминувањето на себеси и дотогашните сопствени граници. По истрчаниот полумаратон, по соло патувањата, менувањето на кариера по повеќе од 10 години, учењето нов јазик, влегување во светот на dj-ингот, подготовките за преселбата во Милано, муабетите со сестра ми, прошетките со Дуци (моето кутренце), верноста на драги луѓе, продлабочување на односот со родителите, постојаната работа на себе, трансформација на тагата во радост, концертот на Марко Менгони, утакмицата на Барса, скијањето како најголемата среќа и уште милион емоции, состојби, фази и нови верзии на Драгана.

Планот за 2024 е да учам нови работи за себе и светот, да останам отворена за искуства и најважно сè што правам е да биде од љубов. Очекувам и Ливерпул да ги гледам во живо.

Насловна фотографија: Кристина Нановиќ

- Реклама -