Една половина од кандидатите за претседател на ДПМ се пишманија и се повлекоа од трката

Се наближува денот кога Друштвото на писателите на Македонија ќе го изгласа и објави новото раководство, откако претходно сите членови поднесоа оставка.

Во трка за Претседател на Друштвото на писателите на Македонија беа: Живко Гроздановси, Гоце Ристовски, Мирче Нешовски и Блаже Миновски, меѓутоа Гоце Ристовски прв ја повлече кандидатурата на 13 ноември, а набрзо потоа и Живко Гроздановски. Сега остануваат двајца да се борат за титулата Претседател на Друштвото на писатели на Македонија: Мирче Нешовски и Блаже Миновски.

За разлика од оваа трка, за претседател на Собранието на ДПМ има двајца кандидати: Стефан Марковски и Иван Антоновски. Во продолжение нивната визија за ДПМ ако го добијат мнозинството гласови.

Стефан Марковски

„Друштвото на писателите на Македонија заслужува раководство кое ќе ја унапреди неговата работа, управа која ќе се бори за правата и можностите на писателите, а не за статус кво со променети раководни лица“, изјави Стефан Марковски, кандидат за претседател на Собранието на Друштво на писатели на Македонија.

Понатаму тој нагласува: „Не се кандидирам за функцијата Претседател на Собранието на ДПМ за да ја укинам, како што тоа отворено го напишал во својата програма мојот противкандидат, без раководно или менаџерско искуство во културата. Напротив, искуството во управувањето со институции од областа на културата ми овозможи да сфатам колку труд од колку сè страни е потребно континуирано да се вложува за да се подобри и модернизира нивното функционирање по примерот на некои од европските писателски асоцијации, да се создаде атмосфера на одржливост, хармонија и унапредување“.

Тој верува во важноста на улогата на Европскиот совет, најголемата европска федерација на писателски асоцијации, каде ДПМ се зачлени во јуни годинава по негова иницијатива и заложба.

Иван Антоновски, противкандидатот на Стефан Маровски изјави дека ДПМ се наоѓа на клучен крстопат,  дали ќе тргне по патот на темелити промени, трансформација и модернизација со изградба на вистински систем од вредности или ќе продолжи во некоја друга насока.

Иван Антоновски

„Клучниот мотив што ја поднесов кандидатурата за претседател на Собранието  е за да ја искажам мојата подготвеност за такво себевложување во годината на трансформација на ДПМ, со многу работа. Долго размислував дали е потребно и соодветно да ја поднесам кандидатурата. Но, чувството дека треба да се понесе одговорност и да ги обединиме енергиите и искуствата од сите генерации македонски писатели, и да се работи без прекин во остварувањето на заедничката цел, беше клучниот фактор да се одлучам на ваков чекор, обврзувајќи се дека, доколку ја добијам поддршката од мнозинството членови, ќе сторам сè за заедно да го оствариме она за што се залагаме и ќе се залагаме ние, членовите на ДПМ“, изјави Иван за читателите на Трн.

Тој потенцира за да се реализираат овие промени,  Собранието на ДПМ ќе треба да заседава повеќе од статутарно предвидениот минимум од еднаш годишно, односно, треба да биде во постојано заседание, за секој член да може да го даде својот придонес во процесите за промена и подобрување на состојбите во ДПМ и за секој преземен чекор да го одразува ставот на македонскиот писател.

- Реклама -