Ретроспектива на филмски остварувања на „Петра Пан продукција“ во Кинотеката во Скопје

Ретроспективата на „Петра Пан продукција“ ќе биде отворена на 24 ноември (петок), во 18 часот, со проекција на документарниот филм „Бабичките на револуцијата“ (документарен филм, Словенија / Куба, 2006, 96 мин., колор, СД-видео) со сценарио на Бранд Ферро и Петра Селишкар во режија на Петра Селишкар. Филмот претставува интимна приказна за еден пар и нивните семејства кои имале слична судбина во периодот на Втората светска војна. Тоа ги натерало Петра Селишкар и Бранд Ферро да го направат овој документарен филм, кој ги однесе во Словенија, Македонија и Куба, од каде што потекнуваат нивните баби и дедовци. Филмот е полн со емотивни и комични елементи и нè воведува во верувањата во три различни идеологии.

Истата вечер во терминот од 20 часот ќе следува проекција на филмот „Тело“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2023, 92 мин., колор), трогателна долгометражна приказна на режисерката Петра Селишкар која опфаќа две децении од чудесниот живот на Уршка Ристиќ, блиска пријателка на режисерката Селишкар, додека се бори со ретки автоимуни болести. На

проекцијата ќе присуствува Митко Филев, еден од протагонистите во филмот, кој ќе одговара на прашањата од публиката по проекцијата.

На 25 ноември (сабота), во 18 часот, ќе биде прикажан филмот „Се прашувам кога ќе ти недостигам“ (игран филм, Италија / Словенија, 2019, 90 мин., колор) во режија на Франческо Феи со сценарио на Кјара Барзини, Франческо Феи, Лука Инфаскели. Станува збор за драмедија, бајка која се занимава со клучни теми, како што се тинејџерската нелагодност, важноста на волјата и моќта на сонот, а раскажана со реализам и поезија.

Во терминот од 20 часот, на 25 ноември ќе биде прикажан музичкиот документарец „Мојот превртен свет“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2016, 74 мин., колор) со сценарио и режија на Петра Селишкар. Филмот ја раскажува животната приказна на еден сестран словенечки уметник со сериозно оштетување на мозокот, наречено разум.

Ретроспективата ќе продолжи на 27 ноември (понеделник), во 20 часот, со проекција на филмот „Денови на лудило“ (документарен филм, Хрватска / Словенија, 2018, 73 мин., колор) со сценарио и режија на Дамиан Ненадиќ. Преку партиципативниот метод на снимање филм, приказната нè води низ деинституционализацијата и социјализацијата на ментално болните лица.

Последната вечер на ретроспективата, на 28 ноември, е посветена на бендот и пријателите на култниот скопски состав „Бернајс пропаганда“ и ќе донесе две филмски остварувања.

Во терминот од 18 часот е проекцијата на „Мама Европа“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2013, 90 мин., колор) со сценарио на Петра Селишкар и Терра Ферро Селишкар во режија на Петра Селишкар. „Мама Европа“ е приказна за Европа видена низ очите на шестгодишната Тера. Родена на Балканот, но израсната како граѓанин на светот од татко со кубанско-македонско потекло и мајка со словенечки корени, малата Тера многу бргу учи што е тоа граница.

Во 20 часот ќе биде прикажан музичкиот документарец „Ако никој не свири“ (документарен филм, Македонија, 2010 г., колор, 54 мин., СД-видео) со сценарио и режија на Ѓорѓи Јаневски, кој ќе биде присутен на проекцијата и ќе одговара на прашањата од публиката. Филмот одблиску ги следи почетоците на бендот „Бернајс пропаганда“ низ секојдневниот предизвик да се живее за музиката и е приказ на подземната историја на скопската рокенрол сцена, за нејзиниот автентичен урбан сензибилитет и неисцрпна креативна енергија.

- Реклама -