НАСА и Јапонија го лансираат првиот сателит направен од магнолија

НАСА и Јапонската агенција за истражување на вселената (JAXA) планираат да го лансираат првиот дрвен сателит во светот во вселената во обид да ги изнајдат поодржливи решенија за вакви цели.

Според вселенските агенции, LignoSat, сателит со големина на шолја за кафе направен од дрво од магнолија, треба да се лансира во орбитата на Земјата до летото 2024 година.

Дрвото не гори или гние во безживотниот вакуум на вселената, но ќе се согори во ситна пепел при повторното влегување во атмосферата на Земјата – што го прави изненадувачки корисен, биоразградлив материјал за идните сателити. Според тоа научниците веруваат дека тест сателитот е погоден за лансирање.

Тој ќе биде поевтин да се направи, место да се користи алуминиум, кој денес е најчест материјал за изработка на сателити. Бидејќи електромагнетните бранови можат да пробијат дрво, сателитот внатре ќе може да содржи антена.

„Три примероци од дрво беа тестирани и не покажаа деформација по изложувањето на влијанија од вселената“, велат истражувачите и додаваат: „И покрај екстремната средина на вселената која вклучува значителни температурни промени и изложеност на интензивни космички зраци и опасните соларни честички во текот на десет месеци, тестовите не потврдија распаѓање или деформации, како што се пукање, искривување, лупење или оштетување на површината“.

Планираниот сателит ќе биде коцка со страни од 10 сантиметри, а надворешноста ќе биде покриена со дрво и соларни ќелии.

„Ако планот биде успешен, дури и деца кои се интересираат за вселената ќе можат да направат сателит“, вели лидерот на тимот и прв јапонски астронаут Такао Дои.

Извор: livescience.com

- Реклама -