Бислимоски: Почетокот на грејната сезона можеше да биде подобар, догодина очекувам поврзување на трите мрежи во една

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски смета дека почетокот на грејната сезона можеше да биде подобар. Сепак, тој верува, како што рече денеска, дека се преземаат сите активности за подобрување на квалитетот на испораката на топлинска енергија.

РКЕ, потсети Бислимоски, им стои на располагање на сите потрошувачи кои не се задоволни од испораката на топлинската енергија.

Бислимоски соопшти дека парното ќе поскапи за 4,51 процент, но РКЕ, како што истакна, за пет милиони евра ги намалила побараните трошоци од компаниите.

Претседателот на РКЕ апелира да се преземат сите потребни активности за поврзување на трите мрежи, во Скопје Север и во Железара со најголемата градска мрежа, зашто, според него, иднината на системот за топлинска енергија во Скопје е да има една мрежа, а со тоа и една цена за сите потрошувачи. Бислимоски е оптимист дека тоа ќе се случи наредната година. Само тоа, повтори, е единствениот исправен начин за најекономично и најоптимално функционирање на системот за топлинска енергија во градот.

-Факт е дека трошоците на компаниите за набавка на разни материјали се зголемени, дека ЕСМ дистрибуција има зголемени трошоци во делот на мрежата во Автокоманда, како и дека е во постапка на набавка на нови мерни станици, но сега, во ова време, кога се уште ги чувствуваме последиците од кризата, компаниите треба да ја зголемат својата ефикасност и продуктивност. За пет милиони евра ги намаливме побараните трошоци од компаниите, но 80-на проценти од трошоците се за набавка на природниот гас и на топлинската енергија од ТЕ-ТО, истакна Бислимоски на прес-конференција.

Според него, во моментов, со постоечката законска регулатива, не е можно да се изедначи цената на парното во Скопје, односно да има една иста цена за сите потрошувачи, наместо сегашните три, различни.

„Треба да се направат одредени законски измени и тоа го предлагаме, верувам дека ќе се направи. Иднината на системот за топлинска енергија во Скопје е поврзување на мрежата, да има една мрежа и со тоа една цена за сите потрошувачи. Апелирам, еве сега и замолувам, да се преземат сите потребни активности за мрежата во Скопје Север и во Железара се поврзе со најголемата мрежа во Скопје и на тој начин, сите потрошувачи ќе добиваат иста цена за топлинска енергија. За овие два мали система, во Железара и во Скопје Север, едниот некаде со 1 900 потрошувачи, а другиот со 400, определувањето на цената е исклучително тешко и претставува сериозен проблем. Верувам дека наредната година сите мрежи ќе се поврзат во една, зашто само тоа е единствен исправен начин за најекономично и најоптимално функционирање на системот за топлинска енергија во Скопје“, напомена Бислимоски.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

На новинарско прашање дали таксата за гасот од Бугарија ќе направи некакви поместувања во цената на парното, Бислимоски децидно одговори дека корекции на цената нема да има.

„На последниот тендер за набавка на природен гас, цената е вообичаена и е некаде во рамки на берзата во Холандија, најголемата берза во Европа. Дали во таа цена е вкалкулиран екстра трошок или не, не знаеме, но цената е во рамки на цената на европските берзи. Верувам дека во наредниот период ќе бидат преземени сите мерки, зашто Македонија на ниту еден начин не треба да биде погодена од воведувањето на оваа такса зашто оваа такса се однесува исклучиво на руски гас и јасно е дека земјава не била таргетот, туку тоа се други држави кои не знам од кои причини се однесуваат така како што се однесуваат. Но, тоа не е работа на РКЕ. Една од опциите е и да ни се зголеми капацитетот на интерконективниот гасовод што го имаме со Бугарија за да може да доаѓа природен гас и од други земји, освен од Русија. Но, како и да е, сметам дека Македонија на ниту еден начин, со ништо, не предизвикала цената на природниот гас во државата да се зголеми“, рече претседателот на РКЕ.

МИА

- Реклама -