Единствената работа на која што треба да се инсистира во овој случај е секоја информација да се истражи и да се утврди што е вистина, а што е намерно или ненамерно пласирана дезинформација, за да се постигне некаква корист, смета поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров во врска со случајот на Клиниката за Онкологија.
Во своето сведочење пред собраниската Анкетна комисија за Онкологија, Тодоров рече дека треба да се испита каде затаил системот.
„Страшно е тоа што се зборува дека се случило на Клиниката, но уште пострашно е што до денес, никој со сигурност не може да потврди што точно се случило и ако има некои незаконски дејствија кои се, и од кои мотиви некој истите ги сторил“, рече тој.
Тодоров во своето излагање ги посочи тумор бордовите како и клиничката патека за дијагностицирање и лекување на малигни болести како клучни за правилно лекување на пациентите.
Тој посочи дека ова требало да биде надополнето и со КАТО системот, и рече дека е штета што тој престанал да функционира, наместо да се надградува.
Поранешниот министер повика на одговорност и затворање на овој случај, како што рече, „од правен аспект“.
Тодоров по излагањето одговараше на прашања на претседателката на Анкетната комисија за Онкологија и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, како и на повеќе пратеници, во однос на функционирањето на Клиниката за онкологија, набавката на лекови, КАТО системот, трошењето на средствата од буџетот на јавните здравствени установи и друго.
Комисијата денеска ги сослуша и поранешниот заменик-министер за здравство Јовица Андоновски и државната советничка вработена во Министерство за здравство, Гордана Мајнова.
Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска, поранешните заменици-министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски и акутелната заменик-министерка за здравство, Маја Манолева.
Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.
Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.
Извор: МИА