Протест пред Влада за случајот Онкологија, нови сведоштва и пораки до „оние кои не ги интересира политика“

Во организација на платформата „Одговорност“ денеска повторно се одржа протест пред Влада за случајот со Клиниката за Онкологија.

Дел од присутните истакнаа дека не веруваат во институциите.

Манев Славољуб изјави дека не верува оти новоформираната собраниска Комисија ќе го реши случајот.

„Од тоа нема ништо да биде, не верувам во тие приказни, затоа што јас еве на десното око воопшто не гледам, заради обично перде ме оперираа во ‘8 Септември’, се формира комисија, докторот дојде ја призна вината пред суд, а комисијата рече нема грешка за да не одговара кривично. Исто така, и лекарската комора го чуваше предметот четири години за да застари делото, така да и со оваа комисија сега јас не верувам дека нешто ќе се случи, ова е страшно. Помладите нека си наоѓаат некое чаре, моето поминало, туку за нив што ќе биде“, истакна Манев Славољуб.

Ајаноски Ташко посочи на сè помалата заинтересирност за протестот и истакна дека луѓето не излегуваат на протести затоа што не веруваат во институциите.

„За тие граѓани кои не ги интересира политика сакам да им порачам едно, само да ги потсетам дека квалитетното здравство, воздухот што го дишеме, стандардот што сè повеќе и повеќе ни се снижува, се е до политичката волја на елитите“, порача друг демонстрант.

На претходниот протест, кој исто така се одржа пред Влада, организаторите истакнаа дека протестите се организираат бидејќи голема е недовербата во институциите и порачаа дека нема да дозволат сознанијата од Онкологија да се заборават.

Извор: МИА

- Реклама -