Техеран предупредува: „Секоја идиотска акција против Иран ќе наиде на разорен одговор“

Иран денеска предупреди за каков било обид за напад на негова територија по нападот на Хамас против Израел во текот на викендот.

„Треба да знаете дека секоја идиотска акција против Иран ќе наиде на разорен одговор“, изјави во Техеран, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канани.

Тој одговараше во врска со шпекулациите во странските медиуми околу можната поддршка на Иран на операциите на Хамас и последователните можни контрамерки против неговата земја.

Во вчерашното соопштение, иранската мисија на ОН во Њујорк отфрли каква било вмешаност на Иран во нападот врз Израел. Во исто време, претставниците на Иран ги опишаа акциите на исламистичкиот Хамас како „легитимна одбрана од [израелската] окупација“.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Воениот советник на иранскиот верски водач ајатолахот Али Хамнеи, Рахим Зафави, исто така рече: „Ние ја поддржуваме оваа операција и сигурни сме дека фронтот на отпорот исто така ја поддржува оваа кауза“.

Израел е прогласен за главен непријател на Иран од Исламската револуција во 1979 година. Од 1990-тите, Техеран ги прошири своите политички и воени врски во регионот за да создаде „оска на отпор“ против Израел со поддршка на шиитските милиции.

МИА

- Реклама -