Алијанса за Албанците ги отфрла обвинувањата на опозицијата дека го штити јавниот обвинител Љубомир Јовески. Интерпелацијата поднесена од албанските опозициски партии, ја оценуваат како комичен театар.
„Обвинувањата на опозицијата дека АА го штити јавниот обвинител се неосновани и само докажуваат колку се неинформирани за постапките и за конкретниот случај. Опозицијата со последните дејствија изигрува комичен театар, поднесувајќи интерпелација за главен обвинител на кој сега му истекува мандатот, додека министерот за правда Кренар Лога испратил информација до Владата, со која и официјално го започна процесот за избор на новиот главен обвинител“, велат од АА.
Во соопштението се наведува и постапката и роковите за избор на јавен обвинител според законските одредби.
Пратениците од Беса, Демократско движење и Алтернатива поднесоа интерпелација за Јовески, а од Кабинетот на претседателот на Собранието информираа дека интерпелацијата ќе биде ставена на првата нова пленарна седница.
МИА