Лекари во Турција бараат враќање на мерки против Kовид, за министерот тоа е „црна пропаганда“ на производителите на вакцини

Турските лекари повикаа на враќање на некои мерки за заштита од коронавирусот во Турција во екот на ширењето на новата варијанта на коронавирусот Ерис во земјата.

Сепак, министерот за здравство Фахретин Коча уверува дека нема да има масовна вакцинација и „заклучување“, а во повиците за спротивното ги гледа интересите на фармацевтските лобија и „црната пропаганда“. Поводот што ја разгоре дискусијата во последните денови беше смртта на Ерсин Махмутлуоглу, главен лекар во државната болница во областа Хатај. Турското лекарско здружение соопшти дека 35-годишниот лекар починал додека бил на лекување од Ковид-19.

Сепак, министерот Коча го оспори тврдењето. Според Коча, штета е што смртта на д-р Ерсин „се користи како средство за црна пропаганда“, која, според неговите зборови, „има за цел да воведе мерки и да започне кампањи за вакцинација“.

Прочитајте и:  Турски извори демантираат дека канцеларијата на Хамас се префрлила во Турција

„Како и производителите на кој било производ, така и производителите на вакцини може да сакаат нивниот производ да најде повеќе купувачи“, напиша министерот за здравство во својата објава. „Но, кој би сакал да користи непотребен лек и кој лекар би го препорачал?“, праша тој.

„Ги повикувам тие кои преземаат ненаучни иницијативи во име на науката и тие кои не гледаат ништо лошо во тоа што нашата земја непотребно е вовлечена во „социјална депресија“, да ја согледаат непристрасноста и одговорноста на науката“, напиша министерот за здравство.

Коча увери дека „мерките како што се масовна кампања за вакцинација или затворање никогаш нема да се спроведат“, а борбата против Ковид-19 „ќе се води како борбата против грипот“.

Извор: МИА

- Реклама -