Бислимоски: Доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовно цунами

Доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовна катастрофа со топлинската енергија во Скопје, а ние тоа нема да го дозволиме. Затоа нема да носиме одлука за цената се додека не добиеме уверување дека ќе биде поставен топловодот на мостот Беласица, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Нагласи дека доколку не се донесе одлука ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење.

„Во Град Скопје и во ЕСМ има разумни луѓе и сметам дека ќе се договорат“, рече Бислимоски.

Додаде дека е логично тој што е сопственик на мостот да даде дозвола ЕСМ дистрибуција на топлина да ги постави цевките кои се веќе донесени таму.

„Доколку не се постави тој цевковод, ќе имаме проблем со произведената количина на топлинска енергија од ТЕТО, која што ни е трипати пониска отколку цената на топланите. Во крајната цена вкупниот трошок на топланите што го плаќаат граѓаните од Скопје, е 52 проценти, а трошокот за ТЕТО е 36 проценти како трошок. А од друга страна имаме обратна ситуација во однос на произведената топлинска енергија. ТЕТО обезбедува 60 проценти, а топланите во Скопје обезбедуваат 40 проценти. Доколку не се постави овој цевковод, тогаш би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот, нема да донесеме одлука“, изјави Бислимовски, кој порача дека е доста заради нечии несогласувања да трпат граѓаните.

Првиот човек на регулаторна изјави дека во овој момент цената за топлинска енергија во градот Скопје е триесетина проценти субвенционирана и одговара на далеку пониска цена на природниот гас и од таа што е во моментот.

„Кога ќе се постави цевководот, ќе треба да направиме измени на правилникот. Вчера ви презентиравме дека цената на гасот во последниве три години била зголемена за 500 проценти, а цената за топлинска енергија во Скопје, вклучувајќи ги субвенциите во еден период од две и пол години се зголемила за 26 проценти. Што и да се случи нема да дозволиме какви било ценовни шокови. Треба да се знае дека при носењето на оваа одлука треба да се вратат шест милиони евра назад позајмица на Владата. Сега тоа враќање дали ќе биде одеднаш или ќе се договориме со Владата да оди за период од две години, од три години, ќе видиме и од тие причини не можам да ви кажам во моментов колку би била цената на топлинската енергија. А и треба да се знае дали ќе има субвенции, дали ќе продолжат, во колкав износ. Така да, не можеме да, не би сакал да шпекулирам во однос на цената за топлинска енергија“, истакна тој.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Најави дека РКЕ ќе донесе методологија и правила врз основа на кои ќе можеме да ја калкулираме цената на ТЕТО во услови кога ТЕТО ќе произведува.

„Кога нема да произведува, ако нема можност, ако не му одговара да набавува гас и да продава електрична енергија на слободниот пазар, тогаш го немаме ТЕТО, но последниве две и пол, три години такви се условите. Носиме нова методологија каде што ќе му дадеме и предвидливост на ТЕТО во работата да да знае однапред колку би му биле отприлика приходите во делот на топлинска енергија за да може да си во делот на електричната енергија. И тоа го правиме со цел што е можно повеќе да го мотивираме ТЕТО да дава топлинска енергија, затоа што таа топлинска енергија е далеку пониска од останатите топлани во Скопје, коишто се и во Европа и секаде во светот полека во изумирање и си заминуваат со нови когенеративни постројки коишто користат природен гас или пак когенеративни коишто користат комунален отпад“, рече Бислимовски.

Не очекува да поскапи цената што ја плаќаат граѓаните за комунален отпад, откако РКЕ ја доби обврската да ја определува цената на оваа комунална услуга во сите општини во државата. Не очекува ниту драстично да поскапи струјата во текот на грејната сезона на берзите и посочува дека кај нас ќе зависи од цената што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум.

МИА

- Реклама -