Претседателот на државата Стево Пендаровски, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, денеска во Њујорк остварил средба со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека на средбата било разговарано за билатералната соработка меѓу двете земји и нашата европската перспектива и актуелните случувања во регионот.
Пендаровски на средбата информирал за текот на пристапните преговори на земјава со Европската Унија.
Шефот на државата изразил и благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија, како еден од нашите најблиски сојузници, и изразил очекување за натамошна силна поддршка од германските власти во процесот на пристапните преговори, посочувајќи дека забрзувањето на интеграциските процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.