„Бујар Османи, министер за надворешни работи, потврди дека за уставните промени крајниот рок не е ноември, како што цела година ги лажеа граѓаните, медиумите парламентот, САД и другите наши партнери и поддржувачи. Тоа значи дека нема формално започнување на преговорите со ЕУ и отворање на кластерите.
Година дена Ковачевски, Маричиќ и Османи лажеа, манипулираа и вршеа невиден притисок за уставни промени и вградување на Бугарите во Уставот, како предуслов за започнување на преговорите со ЕУ, како единствен предуслов, но Бујар Османи јавно призна дека рокот е до крајот на мандатот на оваа Влада, одонсно до јуни 2024 година“, вели претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, по вчерашното интервју на шефот на дипломатијата во кое тој изјави дека „реалниот рок е до крајот на мандатот на овој парламент“.
Сосема е јасно дека блокадата за ЕУ не ја прават граѓаните и опозицијата, туку Владата, оценува Трајанов.
„Османи ги знае најавите од некои земји членки на ЕУ, дека и по уставните промени нема согласност за почеток на преговорите и отворање на кластерите, поради организираниот криминал и корупцијата, поради некредибилниот и корумпиран судски систем, поради невладеењето на правото и партизацијата, како и поради отсуството на реформи и резултати“, вели Трајанов.
После ваквото фијаско, додава, единствено што преостанува е одговорност, оставка на Владата и предвремени парламентарни избори.
„Господине Ковачевски, ако продолжите и натаму со оваа агонија, да инсистирате уште некој ден да бидете на власт, Вие ја преземате одговорноста за блокадата на евроинтеграциите и хаосот во кој ќе ја вовлечете државата.
Мој совет Ви е, поднесете оставка!“, порачува Трајанов.