Претседателот на „Алтернатива“, Африм Гаши, во интервју за „Локално“ вели дека тој лично би сакал да поминат уставните измени, но нагласува дека дека тоа не зависи од бројот на пратеници од неговата партија. Тој додава дека за конечниот начин на гласање на пратениците од неговата партија ќе одлучат партиските органи.
„Јас би сакал да поминат и ние да го продолжиме нашиот интеграциски пат. Сепак, тоа не зависи од нашиот број на пратениците. Ако зборуваме хипотетички, макар да тоа е начин на кој може најдобро да се згреши, во случај да не поминат уставните измени нема веќе никаква смисла да продолжи оваа кревко мнозинство, па затоа ќе мора да одиме на нови избори, за изнаоѓање на решение за евроинтеграцискиот процес. За тоа како ќе наликува тој пат за Албанија и за другите земји, мислам дека не треба да се оптоваруваме. Ние само ѝ посакуваме среќа на Албанија и на сите други земји од Западен Балкан. Ако може да не бидам скромен, за мене е гордост што со нашиот влез во владата во 2021-ва година успеавме да помогнеме за добивање на датум за преговори за Северна Македонија и Албанија. А во однос на тоа каква би била нашата перспектива без евроинтеграција, би се воздржал од коментар, бидејќи јас во никој случај не можам да замислам такво сценарио. Ама, бидете сигурни би било мрачно“, рече тој.
Вели дека според негови информации уставните измени нема да поминат, бидејќи, како што посочува: „самиот начин на кој е донесен предлогот во Собрание зборува за тоа дека на владејачкото мнозинство не му е умот во тоа дали ќе поминат уставните измени, туку да ја стави опозицијата на искушение и тоа да има влијание врз наредниот изборен резултат“.
„Што се однесува на нашиот став околу уставните измени, за конечниот начин на гласање на нашите пратеници ќе одлучат партиските органи, но фактот што владата не го зеде во предвид нашиот предлог за уставниот амандман за борба против корупција или пак не сакаше ниту да слушне за доследното именување на албанскиот јазик во Уставот и отстранување на навредливиот еуфемизам ’20 отсто’ е доволен показател за пристапот кој го има оваа влада кон уставните измени и воопшто, кон интеграцискиот процес – не сака меѓуетничка кохезија, не сака борба против корупцијата, а во меѓувреме глуми европска интеграција. Останува на 18 август ова да се потврди“, рече тој.
Порачува дека и да има некое влијание од Исток, како од Русија или Кина за спречување на евроинтеграцискиот процес, тоа не треба да нѐ заплаши, бидејќи нашето општество е цврсто определено за западниот курс.
За борбата со корупцијата и излезот од лошата ситуација, Гаши смета дека е потребно целосно редефинирање на правосудниот систем под покровителство на правните институции на САД и Европската Унија. Гаши очекува уште многумина од самиот врв на ДУИ да се најдат на црната листа на Стејт департментот на САД.
„Ако судиме според наши информации за поврзувањето на ДУИ со корупцијата, на таа црна листа би требало да бидат уште многумина од самиот врв на ДУИ, кои сериозно го заслужуваат тоа. Всушност, за албанскиот гласач тие одамна се на листи на корупција и криминал, иако успешно се криеле и заштитиле, а дали САД ќе ги стави и на својата листа, за тоа не можам да прејудицирам. Но фактот дека нивниот градоначалник е ставен на таа листа, доволно зборува за каква партија зборуваме“, рече тој.
За здружувањето на албанската опозиција во еден заеднички блок, Гаши вели дека мора да се воздигнат над личните, партиски и други интереси и да се обединат не само за „уривање на корумпираната ДУИ, туку за спасување на иднината на децата и младите“.
На прашањето дали би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ доколку партијата на Мицкоски победи на следните избори, Гаши нагласува дека тие не ги бираат партнерите по име или боја, туку, како што вели, по програмски определби и политички договори за соработка.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на следните избори и ако ние имаме покана за здружување во извршната власт, ќе треба да зборуваме за тоа кој ќе биде начинот на владеење, која ќе биде владината програма, кои ќе бидат роковите и кои се ќе бидат гаранциите дека договореното ќе се имплементира. Тек тогаш ќе одлучиме“, нагласува Гаши.
МИА