Гневот на жителите на Оризари ги затвори просториите на ЕВН, бараат одвојување од Слупчане и итно да им се обезбеди струја

Жителите од липковското село Оризари денеска влегоа во просториите на ЕВН и побараа да им биде пуштена струја без оглед на ситуацијата во Слупчане. Тие велат дека не се виновни што поради некои други туѓи проблеми останале без електрична енергија и бараат да бидат одвоени со посебни електрични столбови за да немаат вакви проблеми и во иднина.

„Шеесет и две години имам и досега немам видено вакво нешто, дојдовме да најдеме заедничко решение“, вели жител на Оризари.

Други потенцираат дека тие немаат ништо со Слупчане и бараат од ЕВН да се реши нивното прашање и проблемот со електрична енергија за која велат дека си ја плаќаат. Бараат од компанијата да најде начин и дистрибуцијата до нивното село да оди преку други села, а не преку Слупчане. Велат дека мирно ќе протестираат сè додека не им се реши проблемот во нивното село.

Медиумите претходно, врз основа на извори од Електродистрибуција, објавија дека групата жители на Оризари денеска насилно влегла во објектот на КЕЦ (корисничко-енерго центар) Куманово, а ЕВН информираше дека вработените ги напуштиле работните места од безбедносни причини и непостоење на услови за работа. Како и за дефектот во Слупчане, од компанијата велат центарот нема да работи сè додека не се создадат услови за нормално одвивање на работата.

За потсетување, жителите на Оризари останаа без струја поради нивните соседи од Слупчане кои бесправно манипулираа со трафостаниците и предизвикаа дефект кој опфати неколку села во регионот, меѓу кои и Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце, како и граничниот премин Блаце. ЕВН информираше дека и ноќеска слупчанци повторно предизвикале нов дефект, поради кој без струја останале Матејче, Виштица и Никуштак. Сепак, од компанијата соопштија дека сите овие дефекти, со исклучок на Слупчане и Оризари, се санирани.

Извор: МИА

- Реклама -