И оваа година, од 14-ти до 16-ти јули, Галичник, лоциран на живописните предели на планината Бистра, ќе биде домаќин на традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“. Пивара Скопје, СКОПСКО и останатите нејзини брендови остануваат дел од „Галичка свадба“, со што продолжува партнерството кое непрекинато трае од самите почетоци на манифестацијата.
Илјадниците посетители од земјава и странство кои годинава се очекува да присуствуваат на Галичка свадба, одново ќе имаат можност да уживаат во автентичните свадбарски обичаи и ритуали, збогатени со уникатниот колорит на народните носии и изворните песни и ора, карактеристични за овие предели од нашата земја. Во центарот на вниманието на најпознатата македонска свадба годинава ќе бидат невестата Елисавета Булоска и младоженецот Оливер Андреевски, кој по потекло е од Галичник.
„Благодарение на поддршката што ја добиваме од нашите долгогодишни партнери и оваа година успеавме да ги направиме сите неопходни подготовки за одржување на Галичка свадба, како надалеку позната и призната манифестација која придонесува за промоција на нашата земја во светот, на нејзината култура и традиција, како и на сите нејзини убавини. Охрабрени сме од интересот што го покажуваат младите да бидат дел од Галичка свадба, што е неопходен предуслов за продолжување на оваа вековна македонска традиција. Сето тоа, како и големиот број посетители кои и оваа година ќе дојдат во Галичник, се дополнителен мотив за сите нас да продолжиме да вложуваме максимални напори да го одржиме континуитетот на оваа автентична манифестација, која во овој формат започна да се организира точно пред 60 години“, рече Александар Костиќ, претседател на Советот на Месната заедница Галичник.
И оваа година институционален покровител на Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а Министерството за култура обезбеди финансиска поддршка за нејзиното одржување.
„ Министерството за култура е силен поддржувач на Галичката свадба, но и промотор на Галичката свадба како културно наследство кое зборува за историјата и културата на македонскиот народ. Препознавајќи го значењето на манифестацијата и на галичките свадбени обичаи на мијачкиот крај, а и на македонскиот народ воопшто, со Институтот за фолклор се работи на елаборат со кој за првпат оваа уникатна жива традиција ќе ја добие заслужената институционална заштита. На овој начин ќе се заштитат од заборав уникатните обичаи кои го претставуваат битот на македонскиот народ и се потсетник на едно друго време, начин на живот, ниво на култура и свест што не смее да се заборави“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Пивара Скопје, која е партнер на манифестацијата од нејзините почетоци, покрај финансиска поддршка за организирање на Галичка свадба 2023, обезбеди и соодветна количина СКОПСКО и други пијалаци од своето портфолио за учесниците во свадбeната церемонија.
„Сите ние во Пивара Скопје сме горди што веќе неколку децении сме партнери во благородната мисија да се негува, одржува и збогатува традицијата на уникатниот галички свадбен обред, кој е значаен дел од нашето богато национално културно наследство. Во ова наше повеќедецениско партнерство нѐ поврзува позитивната енергија и возбудата што сме дел од повеќевековна традиција, која ги одразува нашите компаниски вредности и која е врежана во битот на нашите брендови“, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на Пивара Скопје, упатувајќи честитки до годинешните галички младоженци Елисавета и Оливер, посакувајќи им многу здравје, среќа и бериќет. „Верувам дека овие неколку недели се највозбудливиот период од нивниот живот. Ние – Пиварци, сме среќни што сме дел од него и што имаме можност да придонесеме и да влијаеме тој да биде што поубав, побогат и повпечатлив“, рече Мининчиќ.
Таа го повтори и постојаниот апел до сите посетители – да консумираат алкохол одговорно, да не возат доколку пијат и да се грижат максимално за одржување на чистата природа во Галичник и неговата околина.
Инаку, традиционално почетокот на годинешната Галичка свадба ќе биде означен во сабота, 15 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени познатите свадбарски ритуали – „пречек на тапаните“ и „свекрвино оро“, а ќе биде одиграно и „Тешкото“ – оро кое го симболизира испраќањето и пречекот на печалбарите, што била честа појава во овие краеви. Потоа, на платото пред познатата чешма Упија ќе бидат одиграни невестинското и останатите традиционални свадбени ора. Вечерта сватовите, со борина в рака, ќе ја носат девојката да наполни вода на три чешми, а веселбата ќе продолжи до раните утрински часови. Утрото во недела, 16 јули, ќе го одбележат традиционалните свадбените обичаи, меѓу кои и познатото гледање низ прстен, пречек на сватовите, земање невеста и нејзиниот пречек на платото на Упија, а исто така се враќа и пеењето обредни песни кои ќе ги изведе пејачка група. Венчавањето на младенците ќе се изврши истиот ден, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свадбената свеченост ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
„Особено сум среќна што го чествуваме овој јубилеј, зошто и самата потекнувам од семејство кое што е дел од основоположниците, оние што почнаа да ја организираат Галичката свадба. Тоа беше генерација која растеше во Галичник, беа родени таму, таму се венчаваа, свиваа гнезда и плашејќи се Галичник и целата историја, традиција и култура да не отидат во заборав, почнаа да ја организираат оваа манифестација. Тие го оставија тоа во аманет и наша одговорност е истото да го продолжиме“, изјави Ана Сариевска, режисерка на манифестацијата, задолжена за координација и изведба на обредниот дел од свадбата.
За да можат сите посетители да уживаат во убавината и автентичноста на годинешната Галичка свадба, во деновите на одржување на манифестацијата ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим, за кој организаторите апелираат доследно да се почитува.
Оние пак кои нема да бидат во можност да присуствуваат на настанот, сите содржини и настани од годинешната програма ќе можат да ги проследат преку „лајв стрим“, односно преку пренос „во живо“ на социјалните мрежи.