Агелер: Разочарани сме од напредокот во судството, инвестиравме милиони но не ги гледаме очекуваните подобрувања и реформи

„Нашата инвестиција во напредокот на судството за жал не даде очекуван поврат“, изјави амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, во интервју за весникот „Капитал“.

„Кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција. Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен-темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате“, вели Агелер во интервјуто.

Во однос на тврдењата на опозицијата за корупција околу Коридорите 8 и 10 д, американската амбасадорка нагласува и повторува: „ако има наводи за корупција околу Коридорите 8 и 10д, истражете ги! Ако утврдите криминал, гонете го!“.

„Доколку истрагата утврди корупција, нека ја гони. Мора да има одговорност за секого, секаде. Во исто време, преголемата политизација на нештата понекогаш може да биде подеднакво штетна како и самата корупција, со тоа што ќе спречи добри проекти да се движат напред и ќе испрати порака до другите потенцијални инвеститори дека водењето бизнис во Северна Македонија е премногу комплицирано и бирократско“, вели Агелер.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Проектот на Коридорите 8 и10д, посочува, е најголемата инфраструктурна инвестиција во историјата на оваа земја, а придобивките за граѓаните, како што вели, се огромни: голем број добри работни места, договори со локални компании и снабдувачи, како и партнерство со една од најпочитуваните американски компании кои работат на Балканот и ширум светот. Кога ќе бидат завршени, патиштата ќе го намалат времето на патување низ земјата, ќе ја подобрат безбедноста и пристапноста кон другите партнери од НАТО, ќе ја зголемат трговијата и ќе ја направат оваа земја витален транспортен центар низ Балканот, додава Агелер.

Во интервјуто, американската амбасадорка зборува и за потребата од енергетска ефикасност и безбедност. Ова, вели,  се критични прашања ширум светот, а руската брутална и нелегална инвазија на Украина уште повеќе ја истакнала таа потреба.

На краток рок, како што рече, Агелер се надева дека земјава ќе вложи максимални напори да обезбеди природен гас што не доаѓа од Газпром и да го комплетира интерконекторот со Грција.

„Тоа треба да биде натпартиски приоритет и да добие целосна согласност од Собранието. Но имање на стабилен и сигурен извор на гас не треба да биде единствената крајна цел. Сите ние треба да работиме на проширување и подобрување на енергетските пазари со алтернативи. Ова е област која бара итно внимание. Ги охрабрувам официјалните лица да донесат координирани, стратешки одлуки за енергетски инвестиции и да работат на оддалечување на Северна Македонија од нејзината зависност од јаглен. Проектите како ХЕЦ Чебрен се од суштинско значење за балансирање на мрежата и намалување на зависноста од фосилни горива“, порачува амбасадорката во интервјуто за „Капитал“.

Извор: МИА

- Реклама -