Отворена средба на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со граѓанскиот сектор и локалните институции во Гостивар

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) продолжува со остварување  отворени средби со претставниците на граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво. Утре (6 јули 2023 година) можност за дискусија, како и мапирање на потенцијални системски проблеми со дискриминација ќе имаат граѓаните и активистите од граѓанските организации и претставниците на институциите во општина Гостивар и неговата околина.

„На наше големо задоволство, расте довербата на Комисијата кај граѓаните, што се забележува и преку зголемениот број претставки кои граѓаните ги поднесуваат за заштита од дискриминација. Тоа за нас претставува голема одговорност, но и дополнителна мотивација за натамошно ангажирање во насока на промовирање на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација во нашата земја. Се трудиме и успеваме на сите претставки да одговориме во разумен рок и навистина ни е многу драго што јавноста тоа го препознава. Целта на овие средби е дополнително да ја  унапредиме комуникацијата со граѓанскиот сектор и претставниците на локалната самоуправа околу нашите надлежности, начинот на кој постапуваме и одлучуваме и нивната улога во целиот тој процес, затоа што препознавањето и искоренувањето на сите облици на дискриминација е заедничка должност и обврска“, истакнуваат од КСЗД.

Овие средби се дел од активностите кои Комисијата ги презема во насока на приближување на својата работа до граѓаните, како и за зголемување на транспарентноста во својата работа. Дополнително, отворените денови претставуваат и можност за продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво за подигнување на степенот на препознавање на дискриминацијата, како и во ефективната борба против неа.

Отворените средби  со претставниците на граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво започнаа минатиот месец во Крива Паланка, на која членот на Комисијата, Ирфан Деари имаше плодна дискусија. Средбите ќе продолжат на 13 јули во општина Гевгелија, а до крајот на оваа година предвидени се и отворени средби во дополнителни шест градови низ државата. Овие активности се реализираат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, покрај заштитната улога и постапување по претставки од граѓаните, како и по службена должност,  има и превентивна улога која ја спроведува со едукација и соработка со граѓански организации, државни институции и институции на локално ниво.

- Реклама -