Дрин Ахмети и „Тхор Индустриес“ бараат извинување од Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ, во спротивно ќе тужат

Внукот на Али Ахмети – Дрин Ахмети, демантира дека со компанијата со која го купи ТЦ „Соравија“ учествува во изградбата на Коридорот 8, како што обвини денеска Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во врска со видео-изјавата на членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Драган Ковачки, објавена на Јутуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ, како и на интернет страницата на Сител Телевизија, со наслов ‘Ковачки: Внукот на Али Ахмети со фирмата која ја купи Соравија работи на Коридор 8’, сакаме да ве информираме дека се работи за комплетна невистина и погрешна пласирана информација во јавноста.

‘Тхор Индустриес’ ги демантира сите невистини искажани од господинот Ковачки, а кои беа подоцна пренесени на веб страната на Сител Телевизија“, се вели во демантот.

Ваквите лажни тврдења прават штета на компанијата ‘Тхор Индустриес’, како и на личниот углед на сопственикот Дрин Ахмети. Исто така, ‘Тхор Индустриес’ бара јавно извинување од страна на ВМРО-ДПМНЕ и господинот Ковачки, во спротивно ќе ги превземе сите правни дејствија за претрпената штета од невистините изнесени од страна на господинот Ковачки“, се додава во демантот.

Ковачки, денеска на партиска прес-конференција, соопшти дека до ВМРО-ДПМНЕ, од страна на свиркачи, биле доставени документи кои, како што рече, се анализа на фирмите на Ахмети извршена од страна на банка. Во документите, рече Ковачки, е наведено дека „Тор Индустриес“ е формирана во 2020-та година за да учествува во големи градежни проекти кои се планирани во Македонија.

Прочитајте и:  Лефков: Дрин Ахмети книжел милиони под закрила на институциите водени од кадри на ДУИ

„Дрин Ахмети со Тор Индустриес, заедно со уште една фирма од кланот Зајас, за која ќе зборуваме деновиве, е вклучен во изградба на Коридор 8. Договорот кој го имаат двете фирми е 1.3 милиони евра за ископ и други градежни работи.

Покрај на Коридор 8, како ‘Тор Индустриес’ на внукот на Али, Дрин Ахмети е вклучен и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делница Извор – Гарски мост. Исто како и на Коридор 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот Зајас, а средствата кои треба да ги инкасираат, според документите доставени до нас од свиркачи се помеѓу 6 и 9 милиони евра.

Потенцираме дека очекуваниот приход од 6 до 9 милиони евра, пред банката на „Тор Индустриес“ е изнесен токму од Дрин Ахмети, и тоа е заведено во анализата на банката“, обвинија Ковачки и ВМРО-ДПМНЕ.

 

- Реклама -