Лога: Предлог-иницијативата за уставни измени најверојатно утре ќе биде усвоена од Владата

„Предлог иницијативата за уставни измени веќе од минатата недела е во владина постапка и најверојатно утре ќе биде разгледана и усвоена на Влада“, изјави денеска министерот за правда Кренар Лога, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на канцеларија за бесплатна правна помош во општина Шуто Оризари.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во средата изјави дека очекува во наредните неколку недели иницијативата за уставни измени да се најде пред пратениците во Собранието и да почне собраниската процедура и дискусија, бидејќи, како што оцени, коректно и важно е секој пратеник да има можност да се изјасни за нив.

„Сигурен сум дека доколку го имаме вистинскиот пристап кон секој пратеник и му се објасни и важноста и одговорноста, и последиците од прифаќањето или не прифаќањето на овој предлог и на оваа иницијатива, мислам дека ќе дојдеме до две третини“, изјави Маричиќ.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Според него, доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, сами ќе си поставиме блокада и ќе се запреме на европскиот пат.

Предлог-иницијативата за устави измени подготвена од работната група при Министертсвото за правда на почетокот на месецов беше доставена до Владата и како што беше најавено тогаш, ќе биде разгледана на некоја од наредните владини седници. Очекувањата тогаш беа дека уставните измени би можеле да влезат во Собранието во средината на месецов кога и формално ќе почнат да течат роковите за уставни измени.

МИА

- Реклама -