Иницијативата за уставни измени наскоро во Собранието, а гласање нема да има „додека не биде успешно“, вели Маричиќ

„Очекуваме во наредните неколку недели иницијативата за уставни измени да се најде во Собранието пред пратениците и да почне процедурата и дискусијата таму. Сметаме дека е тоа коректно и важно, за секој пратеник да има можност да се изјасни“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Зборувајќи за процесот на уставни измени, тој рече дека и понатаму ќе се обидат „со разум“ да допрат до опозицијата и да разговараат аргументирано. Тој е уверен дека ќе се постигне потребното двотретинско мнозинство.

„Сигурен сум дека доколку земеме доволно време и го имаме вистинскиот пристап кон секој пратеник – да му се објасни и важноста и одговорноста, и последиците од прифаќањето или неприфаќањето на овој предлог, на оваа иницијатива – мислам дека ќе дојдеме до две третини“, рече Маричиќ.

Прашан што доколку тоа не се случи, Маричиќ ја повтори својата убеденост, но и го повтори ставот дека ако до уставни измени не дојде, тоа ќе значи дека „сами сме си ставиле блокада“.

„Тие што ќе гласаат против и тие што ќе решат да си наметнат ново вето, овој пат самите на себе, тие ќе треба да дадат одговор на граѓаните зошто треба да чекаме уште десет години. А, во меѓувреме Албанија, Србија, Црна Гора, Украина и Молдавија да одат напред и да станат членки на ЕУ“, рече Маричиќ.

Прашан дали неуспешно гласање по иницијативата ќе значи и избори на есен, Маричиќ рече дека „нема да има гласање, додека не биде успешно“.

„Тоа е мојот впечаток, дека првото гласање ќе биде успешно, кога и да биде“, подвлече Маричиќ.

Тој повтори дека добро е ВМРО-ДПМНЕ да се одлучи да учествува и да разговараат под кои услови или со заедничка согласност да се пушти иницијативата до Собранието.

„Но, за тоа треба да седнеме да разговараме. Затоа е важно и секојдневно упатуваме повик да седнеме на разговор, на кое ниво сакаат, за да дојдеме до точниот календар како понатаму“, рече Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -