„Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во видеообраќање од Бечиќи, каде присуствува на состанокот на министри за ЕУ по повод завршувањето на претседавањето на Црна Гора со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и преземањето на претседателството од македонска страна.
Како што информираше тој, на состанокот била испратена јасна порака дека Западниот Балкан предолго очекува извесна европска перспектива, со јасна временска рамка за идно проширување на ЕУ.
„Регионот веќе направи позитивни движења, сега е време ЕУ интеграцијата да земе полн замав. Дојдено е време за сериозен план за проширување од страна на ЕУ. Конкретен план со кој ЕУ ќе покажи дека не само со зборови, туку и со дела е фокусирана на евроинтеграцијата на регионот. Ние ќе испорачаме реформи и тешки одлуки, а ЕУ да испорача членство до догледно време“, повика Маричиќ.
За претседавањето на земјава со Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, како еден од главните форуми за регионален дијалог, кое почнува од 1 јули, Маричиќ рече дека тоа е додадена вредност за нашата посветеност на градење општество засновано на демократски вредности и економски просперитет, со јасна визија за иднината на регионот како целосно интегриран во Европската унија“.
„За време на претседавањето Северна Македонија ќе остане силно посветена на унапредување на нашата регионална економска соработка и инфраструктурно поврзување, владеење на правото, човековите права и функционирање на демократските институции. Потребна ни е политичка волја и одговорност од сите политички субјекти да продолжиме да напредуваме во преговорите со ЕУ и за македонските граѓани да испорачаме подобар животен стандард, а за државата економски раст. Членството на Западен Балкан во ЕУ, без сомнеж, е инвестиција во европскиот мир и безбедност, со заедничка акција да го направиме достижно и реално“, истакна Маричиќ.
Извор: МИА