Претседателот Стево Пендаровски денеска, прашан за уставните измени и работната група која денеска ја одржа првата конститутивна седница, потсети дека тој преку свој претставник учествува во работната група. Со тоа, вели, јасен е неговиотстав дека е за промена на Уставот со внесување на Бугарите.
„Јас учествувам преку мој претставник и со тоа јасно го кажувам мојот политички став, дека сум за тие уставни измени, сметам дека тие не се нешто страшно за нас и сметам дека државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите, заедно со другите шест-седум народи“, рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со косовската колешка Вјоса Османи Садриу, која е во официјална посета на земјава.
Околу самата задача на работната група, Пендаровски смета дека таа ќе нема многу работа.
„Јас се надевам, со оглед на тоа што е обврска која ја знае генералната јавност и сите ние ја знаеме, дека тука објективно нема многу работа. Не знам колку седници ќе им требаат, но факт е дека е добро што почнува таа постапка и добро е што ќе се одвива пред очите на јавноста – тука нема скриени агенди, никој да не се плаши дека ќе се направи нешто надвор од она што е веќе воведено во Преамбулата и во нормативниот дел на Уставот за сите останати етнички заедници. Разлика нема да има за Бугарите, се разбира“, рече шефот на државата, алудирајќи дека Бугарите и досега ги имале сите права што ги имаат и другите граѓани на земјава.
Извор: МИА