Тимотеј: Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, името нема да се менува

„Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, донесени се неколку одлуки, кои е потребно да се усогласат со СПЦ, а потоа за нив ќе биде информирана и јавноста“, изјави денеска митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод, на која, како што беше најавено уште вчера, требаше да се расправа за обединувањето со ПОА, со што треба да се финализира договорот меѓу македонската и српската црква.

„Денеска заседаваше Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во полн состав, со мал исклучок на неколку архиереји, кои се во странство, и еден архиереј кој не можеше да дојде но имаше свое полномошно за да се гласа доколку има потреба, но бидејќи одлуките се носеа воглавно едногласно, без никакви издвојувања денеска почна процесот за интеграција на ПОА во МПЦ-ОА“, изјави владиката Тимотеј.

Митрополитот Дебарско-кичевски и портпарол на МПЦ-ОА, истакна дека се донесени неколку одлуки и, како што одговори на новинарско прашање, тие се поврзани со поделбата на епархиите, но напомена дека за јавноста ќе бидат познати по усогласувањето со српската црква.

Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој, како што кажа, треба да почне на 14 или 15 мај.

Одговарајќи на новинарско прашање владиката Тимотеј истакна дека на седницата не се говорело за админситративното име на МПЦ.

„Нема што да се зборува, тоа останува, независно кој како сака да нѐ нарекува“, рече Тимотеј, додавајќи дека околу тоа нема поделени мислења во Синодот.

Порталот „Религија.мк“ вчера објави дека постои начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени. Се очекува тоа да биде направено со прераспределба на постојните епархии на МПЦ-ОА. Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија на територијата на земјава и во дијаспората е организирана во 12 епархии, од кои осум се во државата, а четири се во дијаспората.

По повеќе од половина век, минатата година СПЦ ѝ додели статус на целосна независност на МПЦ-ОА по заедничка литургија во Белград. Ова следеше откако на 9 мај, на заседание на Светиот Синод на Вселенската патријаршија предводен од вселенскиот патријарх Вартоломеј, се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значеше дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. Тогаш се остави на СПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

На минатогодишниот собор на СПЦ беше одобрено канонското единство со МПЦ-ОА, со што беше решен спорот, кој датира од 1967 година кога МПЦ се одвои од СПЦ.

На 19 мај минатата година, во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград беше одржана заедничка архијерејска литургија на помирување, со која чиноначалствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан. Со неа беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу двете цркви и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

На 24 мај српскиот патријарх Порфириј сослужуваше на заедничка литургија со aрхиепископот Стефан во Соборниот храм во Скопје. Тогаш Порфириј одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА.

„Она што беше раздвоено од 1967 година, Господ нè удостои да биде исцелено“, нагласи српскиот патријарх на литургијата во Скопје. Архиепископот г. г. Стефан, пак, по објавата за прифаќање на автокефалноста од страна на Порфириј, рече: „Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест“.

На 5 јуни минатата година СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Скопје, со која Српската црква ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

МИА

- Реклама -