Влада: Измените на Законот за работни односи се само за проекти од стратешки и национален интерес, нема да се плаќаат пенали ако не се донесат законите

Измените на Законот за работни односи кои се во собраниска процедура се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес и со нив се овозможува опцијата за подолга работна недела и недела работен ден исклучиво само за вакви градежни работи за што се обезбедува и писмена согласност од самиот работник, појаснуваат од Владата за МИА во врска со Предлог-измените Законот за работни односи, кои се дел од пакетот закони што треба да се донесат, а се поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.

– Измените во Законот за работни односи кои се пред Собрание се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес и вклучуваат решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 проценти повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор, за останатите прекувремени часови. За сето ова, претходно ќе биде обезбедена писмена согласност од самиот работник, се наведува во одговорот од Владата.

Интенцијата, велат од Владата, е да се заштитат работниците и работничките права, а притоа да се овозможи имплементација на еден од најважните инфраструктурни проекти во историјата на државата.

Од Владата ги демантираат информациите дека се предвидени пенали за државата, доколку не се донесе пакетот закони во Собранието кои се однесуваат на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10д.

– Согласно обврските во склучениот договор, изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на Коридор 8 и 10Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од пет години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средства, појаснуваат од Владата.
Од таму посочуваат дека согласно договорот, доколку се направат законските измени, изведувачот се обврзува да ги заврши сите градежни работи во рок од четири години и седум месеци.

– Изведувачот, согласно договорот се обврзува на овој рок за изработка, во услови кога државата овозможува делумни измени во неколку закони, меѓу кои и Законот за работни односи, притоа почитувајќи ги постоечките законски решенија и уставното уредување, нагласуваат од Владата.

Потребата од создавање на законска рамка за брзо, квалитетно и законско извршување на работите, како што посочуваат од Владата, се наметнала, бидејќи изградбата на Коридорот 8 и 10 д е од стратешко значење за државата, утврдено со Специјален закон којшто го изгласаа пратениците во Собранието.

– Навремената изградба на автопатските делници има позитивни економски и социјални ефекти за граѓаните, компаниите, протокот на стока и услуги, а најмногу од се ќе значи зголемена безбедност на корисниците, намалување на времето на патување, намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зачувување на животите на граѓаните, додаваат од Владата.

Предлог-измените на Законот за работни односи се дел од пакетот закони што треба да се донесат во Собранието, а се поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д. Денеска во Комисијата за труд и социјална политика, како матично тело, почна расправата за Предлог-измените на Законот за работни односи, а опозицијата бара организирање јавна расправа во која би учествувале сите засегнати страни.

МИА

- Реклама -