Основниот Кривичен суд – Скопје ја запре кривичната постапка против поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски поради настапување на апсолутна застареност.
Во соопштението издадено денеска од судот по предметот се наведува дека „Судечкиот совет кој постапува по предметот со К. бр. 414/23 против обвинетиот Д.Д. постапувајќи по обвинителниот акт на ОЈО Скопје со КО бр. 1856/03 од 18.04.2005 година за кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 и член 45 од Кривичниот законик донесе неправосилно решение, со кое кривичната постапка против Д.Д. се запира поради настапување на апсолутна застареност, а пресудата со К. бр. 809/05 се укинува“.
Во соопштението се потсетува дека по барање за повторување на постапката против обвинетиот, доставено од неговиот бранител на 10.01.2023 година, Кривичниот совет со решение КПОВ бр. 40/23 дозволи повторување на постапката, а истото решение беше потврдено од Апелациониот суд и беше формиран предмет со К. бр. 414/23 кој согласно АКМИС системот беше распределен на понатамошно постапување.
Без постоење одлука на Царинската управа, без одлука на Владата и без обезбедени средства од Министерството за финансии, поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски набавувал Фото: МИА Архива
Претседателот на Судечкиот совет, се додава во соопштението, надвор од главниот претрес констатира дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење на дело сторено во период од 2001 до 2002.
– Согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик објавен во Службен весник на 29.07.1996 година, а кој бил во важност за време на сторување на делото, „службеното лице кое со искористување на својата службена положба или овластување ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета (став 3) ќе се казни со затвор од 1 до 10 години“. Согласно член 107 став 1 од истиот Закон „кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото“, а согласно член 108 став 6 од истиот Закон „застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што се бара за застареност на кривично гонење“. Постапувајќи исклучиво според наведените законски одредби, Судот утврди дека во конкретниот случај апсолутната застареност настапила на 01.12.2022 година, наведуваат од Судот.
Против ова неправосилно решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.
Во јануари адвокатот на Даравелски поради донесена пресуда во отсуство побара повторување на постапката. Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, дозволи повторување на кривичната постапка против Даравелски, кој беше осуден на седум години затворска казна за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.
Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски на почетокот на годинава беше уапсен на граничниот премин „Табановце“ при обид за влез во државава, откако во 2002 година пребегна во Србија. Беше сместен во КПД „Идризово“, од каде беше ослободен во февруари.
Министерството за правда повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал и државјанство на Србија.
МИА