Ковачевски ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот

„Силно ги осудуваме сите форми на антисемитизам, негирање на Холокаустот и поврзаните искривени толкувања“, порачал премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со делегацијата на израелскиот Кнесет, на која било оценето дека двете земји имаат блиски пријателски односи базирани на меѓусебно разбирање и заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе области, меѓу кои ИТ секторот, безбедноста, економијата, туризмот и земјоделството, информираа од Владата.

Ковачевски додал дека Владата посветува големо значење на еврејската заедница, која е многу почитувана, и истовремено најавил дека, во рамките на претстојната дебата за уставните измени, ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на земјата. Премиерот изразил надеж дека тоа ќе биде широко прифатено од сите политички субјекти во земјата.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

На средбата, Ковачевски посочил и дека годинава, под покровителство на Владата, се одржуваат повеќе настани со кои се одбележуваат 80 години од ужасните 11 и 12 март 1943 година, кога 7.144 Евреи од Македонија биле депортирани во логорот на смртта во Треблинка.

Притоа, двете делегации заеднички констатирале дека споменот и лекциите од минатото се важни за иднината на секоја земја и, во таа насока, има значење и во добрите односи меѓу Северна Македонија и Израел, информираат од Владата.

- Реклама -