На иницијатива на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а со поддршка на поглаварите на МПЦ-ОА и ИВЗ, денеска е формирана Група на пријателство помеѓу овие два доминантни верски субјекти во државата, како формална рамка која ќе понуди квалитетен простор во којшто двете страни може да продуцираат многу поголемо разбирање и меѓусебно запознавање и поттикнување заедничка грижа за јавното добро.
Директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски истакна дека на денешната средба присуствуваат професори на Богословскиот и на Исламскиот факултет, студенти, но и верски службеници од поновата генерација.
– Сакаме да овозможиме простор идните свештени лица да имаат контакти меѓу себе со што во многу сегменти во општественото живеење ќе имаме квалитативни подобрувања и поместувања. Се работи за навистина значајна рамка која што ќе ја развиваме во четири модули во следниот период и она што досега на различни нивоа сме го правеле сега добива една поформална своја структура, нагласи Сотировски.
Тој појасни дека групата ќе функционира на ниво на тематски видувања, ќе разгледува различни прашања, и при тоа ќе користи странски компаративни искуства, пред се, позитивни, но и негативни, во однос на постигнати поместувања и за ризици што не биле навреме предвидени.
– Имаме здрави односи помеѓу МПЦ и ИВЗ во моментов, на тоа се работело доста долго време и тоа треба да го искористиме во правилен момент да направиме еден чекор понатаму. Практично тоа би значело дека после секоја годишна група на пријателство ние во еден период од една декада ќе имаме многу учесници коишто ги поминале групите на пријателство и соодветно во нивниот телефонски именик имаат контакти од верските службеници од другата страна. Тоа во многу наврати ќе се покаже како многу корисно и нужно во времиња на кризи, како овие денес кога се затвораат круговите и се сегрегира општеството по социјална припадност, по верска, по јазична, по национална итн., по политичка особено. Ние мора да градиме една авангарда која и во кризни времиња контактира меѓу себе и гради она што државата го препознава како едно општество, а луѓето го препознаваат како единствено здраво општество, општество во кое што сегреграцијата не постои или не постои во секоја пора. Да изградиме еден квалитет на општествено живеење, ја појаснува Сотировски целта на Групата за пријателство.
Групата ќе биде со симетричен број на припадници од двете страни и ќе одржува средби во четири модули коишто ќе бидат претходно тематски усогласени со претставниците од двете религиозни заедници.
Засега не се планира во работата на групата да бидат вклучени и надворешни експерти вон теолошката сфера.
– Јас мислам дека и двете страни се заситени од активизмот којшто го продуцираат и за секој поздрав е невладиниот сектор. Ова не се работи за проект. Ова не е проект. Тука ние не треба да кажеме некому дека сме постигнале нешто. Ние само создаваме простор во којшто нешто треба позитивно да се развие. И во таа смисла сметам дека ваквата рамка која што денеска е поставена е соодветна и ќе даде свој резултати, дециден е првиот ќовек на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. .
На настанот со кој и формално започна со работа „Групата на пријателство“, присуствуваа и се обратија поглаварите архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, реисул-улема х. хфз. Шаќир ефенди Фетаи, како и деканите на Православниот богословски факултет, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и на Факултетот за исламски науки, проф. д-р Шабан Сулејмани.
МИА