„Коха јон“: Борис Џонсон или Еди Рама – кој ќе биде новиот шеф на НАТО на местото на Столтенберг?

Можни кандидати за челната функција во најсилната воена алијанса, НАТО, кои би го замениле Јенс Столтенберг, има повеќе, но двете најважни имиња за оваа функција остануваат поранешниот британски премиер Борис Џонсон и актуелниот албански премиер Еди Рама, наведува весникот „Коха јон“ во написот под наслов: „Поранешниот британски премиер Џонсон или албанскиот премиер Рама на чело на НАТО?“.

Џонсон има поддршка од САД, но не и од францускиот претседател Макрон. Французите и поради национален престиж не прифаќаат Британец, иако сме во современо време. Еди Рама има добри односи со САД и со Турција, коректни односи со Германија и прифатливо пријателство со Франција. Во секој случај, албанскиот премиер, доколку се одлучил за таква кандидатура, не влегува без американска и француска дозвола, а поддршката од турскиот претседател Ердоган уште од денеска ја има во џеб, наведува весникот.

Весникот додава дека на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му завршува и дополнителниот едногодишен мандат, што беше продолжен откако почна војната во Украина, а земјите-членки немале време да изберат друг со целосен мандат.

Досега неколку кандидати се номинирани да го заменат Столтенберг, како Марио Драги, поранешниот италијански премиер или Далија Грибаускаит од Литванија. Таа беше претседател на Литванија од 2009 до 2019 година и е позната како „Железната дама на Балтикот“ поради нејзиниот цврст став кон Русија и може да има корист од силниот инстинкт на Вилнус да одговори на каков било конфликт со Владимир Путин. Но, сè уште нема многу шанси. Во игра останува дури и поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, стои во написот.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Според весникот, доколку се случи Еди Рама да биде избран за шеф на НАТО, неофицијални извори од владејачкото мнозинство велат дека Социјалистичката партија ќе ја предводи актуелниот градоначалник на Тирана – Ерион Велиај, кој е убеден во победата на локалните избори на 14 мај, додека на чело на владата за првпат ќе застане жена, Белинда Балуку – актуелна вицепремиерка, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика или Огерта Манастирлиу – министерка за здравство.

Името на Рама за генерален секретар на НАТО првпат, на први април минатата година, го спомна германската аналитичарка Сузана Стариков во објава на Твитер.

Според неа, САД инсистирале на избор на нов генерален секретар на НАТО од новите членки на Алијансата, за што кандидати биле Рама и премиерката на Естонија – Катја Калас.

„Еди Рама ќе го наследи Јенс Столтенберг на функцијата генерален секретар на НАТО. САД инсистирале на избор на нов генерален секретар на НАТО од новите членки на Алијансата. Кандидати биле премиерка Катја Калад и премиерот Еди Рама. Кој ќе биде идниот генерален секретар?“, напиша тогаш Стариков.

Оваа информацијата на Стариков не беше потврдена, а по неколку дена таа на Твитер напиша дека „станува збор за првоаприлска шега“.

Инаку Албанија е членка на НАТО од 1 април 2009 година.

МИА

- Реклама -