Во рамки на годинешното традиционално одбележување на Свети Трифун, празникот на лозарите и винарите, винарската визба „Тиквеш“ го претстави на јавноста „Domaine Lepovo Chardonnay“ од бербата 2021 – првото вино од сертифицирано органско грозје. Органското производство на поседот Лепово е резултат на определбата на „Тиквеш“ за следење на најсовремените светски трендови во одгледување на грозје и производство на вино, а истовремено претставува и интегрален дел од стратегијата и активностите за одржлив развој и зелена трансформација на винарницата.
„Иднината на развојот на македонската винска индустрија е во производството на вина кои се барани од страна на потрошувачите на домашниот и на светските пазари. Потрошувачите, особено новите генерации, стануваат се повеќе свесни за органското производство и сакаат да консумираат производи кои се произведени во склад со природата. Следејќи ги ваквите трендови, ,Тиквеш’ започна со производство на автентични вина од органско грозје кои сѐ повеќе стануваат главен избор на потрошувачите ширум светот“, велат од „Тиквеш“.
Органското грозје се произведува по строга регулатива која бара ограничено користење на било какви средства за заштита и третмани. Сертификатот за органско производство е гаранција дека тие вина се произведуваат од грозје кое се одгледува на начин кој е во согласност со природата, при што се применуваат и одредени специфични постапки како што се редукција на приносот на лозите и ноќната берба на грозјето со кои се овозможува поголема концентрација на сите примарни ароматични компоненти. Дополнително, воведени се и посебни енолошки постапки. Такви се примената на т.н. диви квасци кои природно се создаваат на зрната од грозјето, како и одлежувањето и зреењето на виното во посебни бетонски танкови и амфори кои овозможуваат вината произведени на ваков начин да имаат врвни, уникатни карактеристики кои се одлика за премиум вина.
Инаку, првото вино од сертифицирано органско грозје „Domaine Lepovo Chardonnay 2021“ наскоро ќе биде пласирано на пазарот. Покрај него, почнувајќи од бербата 2021, сите останати вина од поседот Лепово ќе бидат произведени од органско грозје, што претставува значајна придобивка која ја зголемува нивната додадена вредност и конкурентска предност.
Составен дел од настанот за промоција на првото вино од сертифицирано органско грозје беше и традиционалното закројување на лозите кое се одржа во присуство на голем број партнери, лозари, дипломати, вински познавачи и пријатели на „Тиквеш“.
* Комерцијален текст